• среда, 25 декември 2024

МД „Илинден“-Тирана упати честитки до првата група студенти кои го завршија првиот циклус по македонски јазик на Факултетот за странски јазици во Тирана

МД „Илинден“-Тирана упати честитки до првата група студенти кои го завршија првиот циклус по македонски јазик на Факултетот за странски јазици во Тирана

Тирана, 17 мај 2024 (МИА) - Македонското друштво „Илинден“-Тирана упатува честитки до првата група студенти кои го завршија првиот циклус по македонски јазик на Факултетот за странски јазици во Тирана. Изразува задоволство што со големиот интерес за македонистиката на Факултетот во Тирана се потврдила исправноста на заложбите што друштвото заедно со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ и неговиот тогашен директор проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска ги оствариле во периодот од декември 2022 до септември 2023 година.

-Со беспоштедната посветеност која тогаш ни ја врати вербата во македонска високообразовна институција и со сите чекори што во содејство со Семинарот тогаш се презедоа овозможија да дојде до овој миг кога повторно, на високообразовна институција во Тирана може да се изучува македонистиката. Сепак, изразуваме жалење што по промените на раководството на Семинарот, можностите што се обезбедија до септември 2023 година, македонскиот јазик да може да се изучува и во рамките на самите студии, а не само како дополнителен курс, не се искористиле и што сега, македонистиката се изучува само преку курс, стои во објавата на друштвото.

Се додава дека нивните заложби биле и се во насока да се дочека денот кога во Тирана ќе има и Катедра за македонски јазик и книжевност, и затоа, и покрај случувањата, по промените, убедени се дека ќе го дочекаат и тој ден, со нови перспективи за академската и меѓукултурна соработка меѓу Албанија и Македонија.

 

-Се надеваме дека дел од оние студенти што сега, благодарение на заложбите што со Семинарот ги остваривме до септември 2023 година, можат да учат на Лекторат по македонски јазик, се оние што во времето што е пред нас ќе застанат зад иницијативите за натамошен развој на македонистиката во Албанија. Посакуваме да се случи македонскиот јазик да започне да се изучува и на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Фан С. Ноли“ во Корча. Долго има најави дека тоа ќе се случи, и според последните информации станува збор за курс, а не за составен дел од основните студиски програми, се посочува во соопштението.

Убедени сме, оценува друштвото, дека ако се настапува со посветеност со каква што настапило друштвото раководено од претседателот, Никола Ѓурѓај и со огромните заложби какви што направил Семинарот до септември 2023 година, со тогашното раководство, бариерите би можеле да се тргнат и во Корча.

-За жал, ние и претходното раководство на Семинарот со кое ги отворивме вратите за македонистиката во Тирана не сме дел од актуелните процеси, и иако не се валоризира нашиот влог, Македонското друштво „Илинден“-Тирана постојано е тука за сите студенти што го избраа и со оние што во иднина ќе го изберат курсот по македонски јазик. Тука сме да ги поддржиме во нивната определба за афирмација на македонистиката и веруваме дека ќе успееме во целта, се посочува во објавата на МД „Илинден“.

Вчера во просториите на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, на пригодна свеченост беа доделени сертификати на првата група најуспешни студенти кои го завршија првиот циклус по македонски јазик. вт/мд/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан