• среда, 13 ноември 2024

МД „Илинден“-Тирана: Бројките за  македонското национално малцинство се манипулирани и груб пописен фалсификат

МД „Илинден“-Тирана: Бројките за  македонското национално малцинство се манипулирани и груб пописен фалсификат

Тирана, 29 јуни 2024 (МИА) - Македонското друштво „Илинден“-Тирана остро реагира по објавените пописни резултати, кои се однесуваат на бројот на Македонците во Албанија.

- Не ги признаваме и со огорченост ги отфрламе прелиминарните пописни резултати во Република Албанија, кои ги сметаме  за груб пописен фалсификат, по желба на Бугарија. Јавна тајна е дека Бугарија го контролираше пописот, што го потврдува и фактот дека во Бугарија за време на пописниот период во Република Албанија, на социјалните мрежи беа објавувани фотографии од пописните формулари како се изјаснувале жителите во Република Албанија, стои во реакцијата.

Се додава дека "овие податоци се заштитени со закон, но објавуваните материјали покажуваа дека бугарските служби имале пристап до нив".

- Во име на Македонците во Република Албанија не само што не ги признаваме фалсификуваните пописни податоци за македонското национално малцинство, туку бараме и од државата и од меѓународните институции да го сторат истото, бидејќи овие фалсификувани резултати се против уставниот поредок и европските аспирации на Република Албанија, нагласуваат од "Илинден".

Исто така друштвото бара спроведување на нов попис, заснован на меѓународни стандарди и под меѓународен мониторинг, за да се гарантира чесен и транспарентен процес кој ќе ја одразува етничката реалност во Република Албанија. 

Воедно, од Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција на Република Албанија бараме да поведе истрага не само за ИНСТАТ, туку и за "сите показатели за незаконски извршена попишувачка активност од страна на попишувачите, бидејќи отворен е сомнежот во нивната улога во пописот".

Ги повикува европските институции, кои, како што стои во реакцијата, тврдат дека се темелат на демократското однесување во однос на основните човекови права, да се позанимаваат со суровото и бескрупулозно нафрлање на бугарските емисари врз македонското национално малцинство во Република Албанија.

-Македонско друштво “Илинден“-Тирана ќе го информира раководството на Федералната унија на европските националности, ФУЕН за грубиот пописен фалсификат, зашто  во Албанија “етнички Бугари“ нема. Во ниту еден попис од 11.претходно спроведени ниту едно лице не се изјаснило како Бугарин. Нив ги нема на целата територија на Албанија, освен во бугарската амбасада, се посочува во реакцијата потпишана од претседателот Никола Ѓурѓај и на огранокот за  Голо Брдо, Фатри Фетаху.

На пописот кој беше спроведен од 18 септември до 30 октомври, а во неколку рурални подрачја продолжен до 15 ноември, како Македонци попишани се 2281 лице, наспроти 7957 Бугари. вт/аа/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан