• недела, 24 ноември 2024

МВР со информации за регистрирани нерегуларности во предизборниот молк

МВР со информации за регистрирани нерегуларности во предизборниот молк

Скопје, 8 мај 2024 (МИА) -  Нерегуларности поврзани со предизборниот молк во тек на вчерашниот ден регистрира Министерството за внатрешни работи, а дел од нив сподели и техничкиот министер Панче Тошковски. 

-Во текот на вчерашниот ден имаме повеќе незаконски активности на територија на Република Македонија пријавени до МВР, изјави денеска Тошковски по гласањето во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во општина Центар.

Тој информира за нерегуларности на територија на СВР Охрид, СВР Куманово, СВР Велес ...

- Во рамки на СВР Охрид имаме констатирано незаконски дејствија од страна на два члена на избирачки одбори, кои ги злоупотребиле личните податоци на граѓаните. Злоупотребиле гласачки ливчиња на граѓаните, споделувале во групи, а притоа таквите незаконски активности биле користени за информирање на одредена политичка партија, кој го остварил правото на глас и за кого е остварено правото на глас, изјави Тошковски. За овој конкретен предмет, како што рече, се постапува во координација со надлежен јавен обвинител и се преземаат соодветни дејствија се со цел расветлување на случајот.

Незаконски активности имало на подрачје на СВР Куманово, односно во Крива Паланка каде имало поткуп на гласачи во интерес на одредена политичка партија. 

- На одредена бензинска пумпа се давани бонови кои се искористувани од страна на членови на одредена политичка партија, барем такви се изјавите кои се дадени, по упатства на претседателот на општинскиот огранок на предметната политичка партија. И во овој случај се постапува со упатства од страна на надлежен јавен обвинител и се преземаат мерки, појасни Тошковски.

По оперативни информации добиени од страна на СВР Велес, со наредба од јавен обвинител, извршен е претрес во рамки на домот на едено лице поврзано со одредена политичка партија. 

-Во неговиот дом се пронајдени повеќе пиштоли, кои се незаконски држени од него и пронајдени се околу 20.000 евра. Пронајдени се и списоци на луѓе кои, претпоставката е дека требало да бидат на незаконски начин внесени во рамки на одредени незаконски активности, односно да бидат поткупени со цел да го дадат правото на глас спротвно на нивната волја, информира Тошковски. Додаде дека за овој случај од судија на претходна постапка е изречена и најстрога мерка за обезбедување, поточно лицето е во притвор. 

Во текот на вчерашниот ден на територија на СВР Охрид, во градот Кичево биле забележани повеќе возила управувани од лица кои вршеле поткуп во интерес на одредена политичка партија. Тошковски додаде дека и за овој случај постапува МВР.

Тошковски информира и за случај во Неготино, во рамки на СВР Велес, каде пратеник од одредена политичка партија, искористувајќи одредени податоци кои треба да бидат тајни, односно податоци кои се однесуваат на средства доделени во рамки на ИПАРД програми, се јавувал кај луѓето кои биле корисници на такви средства.

-Притоа во текот на вчерашниот ден, кога требаше да имаме молк, влијаел на македонски граѓани да го дадат своето право на глас така како што тој сметал, а не како што тие сметаат дека треба да го остварат, рече Тошковски, додавајќи дека и за овој случај се постапува во координација со надлежен јавен обвинител. 

Од МВР преку соопштение информираат дека вчера (07.05.2024) Е.Д. од Крњево пријавил дека во домот дошле три лица од ДИК со цел неговиот дедо да оствари право на глас од избирачко место бр. 2828.

-Е.Д. се сомневал дека не биле лицата од ДИК бидејќи не биле претходно известени и требало да присуствуваат пет лица. СВР Скопје презема мерки и активности за расчистување на настанот, се вели во соопштението. 

МВР информира дека вчера во координација со ОЈО Куманово преземени се активности во врска со  настан дека лице од Крива Паланка на повеќе граѓани од Крива Паланка делело бонови за точење на гориво на бензинска пумпа.

-Извршен е претрес на простории на бензинската пумпа, каде во присуство на Ј.Ј. и М.Ѓ. биле пронајдени пет бонови за гориво во вредност од по 1.000 денари со втиснат датум од 08.05.2024 и еден бон за гориво во вредност од 2.000 денари, шест фискални сметки, а во торбата која ја носел вработениот пронајдени се два бона за гориво во вредност од по 1.000 денари и фискална сметка. Во просториите на ПС ОН Крива Паланка повикани се Б.С., С.М., М.Ѓ. и М.Д., сите од Крива Паланка поради извршување на службен разговор и се преземаат мерки за расчистување на случајот, се вели во соопштението.

Вчера во 18:25 часот, на улица „Маршал Тито“ во Тетово, А.К. (24) од село Стримница пријавил дека се оштетени два банера со рекламен материјал од политичка партија кои биле поставени на кружен тек од улица „В.С.Бато“ со ул. „Маршал Тито“ во Тетово. 

Во полиција синоќа, во 22:10 часот, Ц.Т. од Неготино пријaвила кривично дело „повреда на слободата на определување на избирачите“, извршено од Л.Р. од Неготино. Според пријавеното, околу 20.17 часот, Ц.Т. добила телефонски повик од Л.Р. за поддршка за гласање, на што Ц.Т. одговорила негативно. Потоа Л.Р. и нагласила на Ц.Т. дека имала земено ИПАРД поддршка, по што го прекинала повикот. .

Во непосредна близина на избирачко место 1180 во ОУ „Христијан Тодоровски - Карпош“ во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане забележани биле расфрлани летоци од политичка партија. Летоците, како што се наведува, се отстранети.

- Во текот на изборниот молк пријавени се и неколку случаи за наводно агитирање и нудење поткуп, но по преземени мерки од страна на полициските службеници тие наводи до сега не се потврдени, стои во соопштениет од МВР. мд/лв/

Фото: МИА 

 

Остани поврзан