• среда, 25 декември 2024

Дисциплинска постапка против шест полициски службеници во случајот „Долно Блаце“

Дисциплинска постапка против шест полициски службеници во случајот „Долно Блаце“

Скопје, 11 септември 2024 (МИА) - Против шест полициски службеници е поведена дисциплинска постапка за случајот кога делегацијата предводена од претседателот на Собранието Африм Гаши помина на граничниот премин Блаце.  

- Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди (ОВККИПС) при МВР го расчисти случајот од 17 август 2024 на граничниот премин „Долно Блаце“ при обезбедување на делегација на претседателот на Собранието, Африм Гаши, и по извршен увид во службените материјали, анализа на видео надзорот и извршени разговори со полициски службеници, поради сторена повреда на работниот ред и дисциплина утврдено во член 187 став 1 алинеја  10  од Законот за внатрешни работи, и член 210 став 1 алинеја  10  од Колективниот договор на МВР, од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе бидат изготвени предлози за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полициските службеници Н.Р., М.С., А.Б., Б.А, Н.Б. и Б.С., се наведува во соопштението од МВР.

Констатирано е дека, откако делегацијата, во која се наоѓал претседателот на Собранието, ја поминала државната граница на граничниот премин Долно Блаце на лентата за излез бр. 1, по неа поминале шест цивилни возила, кои во меѓупросторот на граничните премини, се приклучиле на делегацијата, без да се изврши контрола на патниците и возилата. Во одреден временски интервал сите ленти за излез од државата биле затворени, при што во тој период од страна на Н.Б. (полициски службеник од обезбедувањето на претседателот на Собранието) и Б.А. (полициски службеник од ПС за ГП Долно Блаце), било извлечено возило кое било заглавено во лентата за третиот излез и истото било насочено кон првиот излез и дека возилото ја поминало граничната линија без да се изврши контрола на патниците и возилото.

- Утврдено е дека Н.Б. наместо да врши непосредно физичко обезбедување на претседателот на Собранието, врши дејствија на граничниот премин кај кабините за излез и царинските кабини, со кои овозможува цивилни возила да се приклучат кон делегацијата, како и  да се даде приоритет цивилно возило да ја помине државната граница. Со наведените дејствија Н.Б. сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 и 4 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 и 4 од Колективниот договор на МВР. Исто така и Б.А. сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 и 4 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 и 4 од Колективниот договор на МВР, се наведува во соопштението.

Во однос на утврдувањето на неправилности, во конкретниот настан наместо, како што се наведува во соопштението, да бидат преземени соодветни мерки од страна на главниот инспектор М.С. во содејство со началникот на РЦ за ГР Север Н.Р., согласно дотогашните констатирани пропусти, не се преземени соодветни мерки туку е испратен акт со кој се задолжува командирот на ПС за ГП Долно Блаце да го доиспита целосно случајот и да преземе соодветни мерки.

- Со наведените дејствија М.С. сторила потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 од Колективниот договор на МВР. Исто така, Н.Р., началник на РЦ за ГР Север сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 од Колективниот договор на МВР. Согласно описот и пописот на работните места, началникот на РЦ за ГР покрај другото, раководи, планира, ја организира и контролира работата на Регионалниот центар, се наведува во соопштението.

Од МВР посочуваат дека патните исправи на претседателот на Собранието и членовите на неговото семејство, како и другите припадници на МВР кои требало да патуваат во странство, биле навремено доставени до раководителот на смена А.Б. заради соодветно евидентирање, но тоа не е сторено, односно лицата не се евидентирани.

-Согласно описот и пописот на работни места, меѓу другото, раководителот на смена во Регионален центар за гранични работи, ја организира работата на службите по време и место, ги одредува приоритетите во работењето, се грижи за вршењето на квалитетна пасошка и друг вид контрола, врши контрола во работењето на полициските службеници и дежурната служба во полициската станица и непосредно е одговорен за нивната работа, координира и учествува во извршувањето на мерките и задачите кои се однесуваат на оперативното работење. Во конкретниот случај А.Б. постапил спротивно на  чл. 8 (на граничниот премин, сите сервисни информации и секоја друга особено важна информација се регистрираат рачно или електронски во дневникот за настани)  с.2 (Информацијата од став 1 на овој член ги содржи следните податоци) т.2 (секое пропуштање во режимот на гранични проверки) од Правилникот за начинот на извршување на граничните проверки и граничен надзор со што сторил потешка повреда на работниот ред и дисциплина утврдена со член 187 став 1 алинеја 3 и 10 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3  и 10 од Колективниот договор на МВР, се наведува во соопштението.

За Б.С., како што посочуваат од МВР, е утврдено дека тој, како одговорен за обезбедување во планот за зајакнати мерки и активности од втор степен по повод делегација предводена од претседателот на Собранието,  согласно планот, кој тој го изготвил и од истиот има обврска да презема мерки, не е на работа и не бил предвиден да биде на работа за време на поминувањето на делегацијата, при што од самото тоа произлегува дека планот е изготвен површно и несовесно.

-  Со наведените дејствија сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 од Колективниот договор на МВР, се додава во соопштението. дма/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан