• сабота, 23 ноември 2024

МВР на Казахстан: Ноќта беше направен обид да се упадне во зградата на полицијата во Алмати, десетици напаѓачи елиминирани

МВР на Казахстан: Ноќта беше направен обид да се упадне во зградата на полицијата во Алмати, десетици напаѓачи елиминирани
Алмати, 6 јануари 2022 (МИА) - Министерството за внатрешни работи на Казахстан соопшти дека синоќа демонстрантите се обиделе да упаднат во зградата на полицијата во Алмати и дека десетици од нив, како што се наведува, биле „ликвидирани“. „Ноќта беше направен обид да се упадне во зградата на полицијата во Алмати, а десетици напаѓачи се елиминирани“, се вели во соопштението на полицијата, пренесува РИА Новости. Како што е наведено, војската го напуштила Плоштадот на Републиката во Алмати. Претходно, агенциите пренесоа дека неколку оклопни транспортери и десетици војници утринава марширале на главниот плоштад во Алмати, најголемиот град во Казахстан, каде веќе трет ден стотици луѓе протестираат против владата. Следеше судир меѓу војската и вооружени лица меѓу оние кои протестираа. Протести поради високите цени на горивото избија на 2 јануари во регионот Мангистау во југозападен Казахстан, а два дена подоцна протести го зафатија Алмати, југоисточниот дел на земјата и други градови. На 4 и 5 јануари во Алмати избија судири со безбедносните сили, а полицијата употреби гас и шок бомби. Интернетот беше исклучен низ цел Казахстан, а емитувањето на голем број ТВ канали беше привремено прекинато, јави РИА Новости. паг/  

Остани поврзан