• сабота, 28 декември 2024

МВР и РСБСП со апел за внимателно управување на земјоделските машини, четири лица загинале во сообраќајни несреќи со трактор

МВР и РСБСП со апел за внимателно управување на земјоделските машини, четири лица загинале во сообраќајни несреќи со трактор
Скопје, 23 октомври 2022 (МИА) - Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и на патиштата и Министерството за внатрешни работи во Кичево и околината денеска реализираа превентивни активности за едукација на возачите на трактори и земјоделски машини и за дополнително обележување на овие возила заради нивна поголема видливост и безбедно учество во сообраќајот. Во првите девет месеци од годината четири лица загинале во сообраќајни несреќи со трактори, од нив двајца се возачи на трактори, а двајца сопатници. Во период кога по сообраќајниците се движат поголем број на трактори и земјоделски машини РСБСП и МВР спроведуваат кампања под мотото „Безбедно возење на трактори и земјоделски машини“. Целта на кампањата е подигање на свеста за одговорно и рамноправно учество во сообраќајот на возачите на трактори и земјоделски машини. Претседателката на РСБСП Гордана Кожуваровска апелира на внимателност. -Обрнете внимание на тракторите и земјоделските машини - и тие рамноправно учествуваат во сообраќајот, а возачите кои управуваат со трактор да возат технички исправни и означени трактори за да бидат видливи во сообраќајот. Безбедноста на прво место, рече Кожуваровска. Помошникот министер за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски соопшти дека во првите девет месеци од годината четири лица загинале во сообраќајни несреќи со трактори, од нив двајца се возачи на трактори, а двајца сопатници. -Истите бројки ги имавме и во првите девет месеци од 2021 година, а се повторуваат и годинава. Тракторите не можат да се движат кој знае колку брзо, но проблем е неисправноста на машините и возачките грешки. Затоа упатуваме апел за максимална внимателност при управување на трактори, затоа што грешките можат да бидат фатални, рече Ангеловски. ев/нд/

Остани поврзан