• сабота, 29 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 19 март 2025 (МИА) - По преземени мерки и активности, а во рамки на најавените контроли во ноќните клубови и кабареа, полициски службеници од СВР Куманово го затекнале Т.В.(58) од Куманово, сопственик на кабаре од Куманово, како од неговото паркирано возило пред кабарето изнесува противпожарни апарати и ги внесува во клубот. Веднаш потоа, полициски службеници од СВР Куманово извршиле контрола во објектот и биле пронајдени и одземени пиротехнички средства. Лицето било лишено од слобода и во полицискла станица, во присуство на адвокат, со него бил извршен службен разговор, а од инспектор за заштита и спасување издадени се прекршочни платни налози и издадено е решение за забрана за работа до отстранување на     неправилностите. За настанот бил известен јавен обвинител.

СВР Струмица - ОВР Гевгелија, до Основното јавно обвинителство Гевгелија, поднесе кривична пријава против Б.Г.(24) и А.М.(25) од Скопје, поради постоење на сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ по член 215 од Кривичниот законик и против А.А.(27) од Скопје поради постоење на сомнение дека сторила кривично дело „непријавување кривично дело или сторител“ по член 364 од Кривичниот закон. На 17.03.2025 на наплатна рампа Гевгелија, при преземање мерки, полициски службеници од СВР Струмица - ОВР Гевгелија запреле патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.Г., а сопатници биле А.М. и А.А.. Додека, врз основа на судска наредба, бил извршен претрес над возилото, при што во внатрешноста на предниот дел биле пронајдени   три пакувања со амфетамин со вкупна тежина од околу 1,5 килограми. Лицата биле изведени  пред судија од Основен суд Гевгелија, кој на Б.Г. и А.М. им определил мерка притвор.

На 18.03.2025 во 22.00 часот во Скопје, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода А.А.Г.(22) од Скопје. При претрес во неговиот дом на подрачјето на општина Аеродром, извршен со наредба од Основен кривичен суд Скопје, биле пронајдени и одземени марихуана, дигитална вага со остатоци од марихуана, пиштол, куршуми и други предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со делото. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против С.Б.(28) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, ,држење и тргување со оружје или распрскувачки материи’’. На 31.12.2024 на Градскиот плоштад во Гостивар, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што биле пронајдени и одземени пиротехнички средства. 

СВР Штип поднесе кривична пријава против К.Ж.(49) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи‘‘. На 13.01.2025, полициски службеници извршиле претрес во продажен објект во с.Соколарци, кочанско, сопственост на пријавениот, при што биле пронајдени и одзмени пиротехнички средства и воздушна пушка.

На 18.03.2025 во Полициската станица Центар во Скопје бил извршен службен разговор со С.М.(34) од Сопиште, скопско, Ј.С.(24) од Кочани, Е.Ш.(43) од Скопје, Ј.П.(28) од Скопје, М.Д.(45) од  Скопје,  М.Ј.(36) од с.Гершиан, битолско и М.Ѓ.(51) од Република Србија. За време на јавниот собир на Плоштад „Македонија“ во Скопје тие биле затекнати како управуваат дронови без претходно да ја најават активноста. Исто така, во 19.00 часот во Кочани, полициски службеници од Полициската станица Кочани го привеле  А.Д.(38) од Република Бугарија затоа што бил затекнат ккао управува и снима со дрон без соодветно одобрени од надлежна установа. По извршените разговори сите лица биле ослободени.

На 18.03.2025 во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода Т.Б.(18) и 37-годишната Ѓ.С., двајцата од Скопје, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.

СВР Битола поднесе кривична пријава против Е.У.(71) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 02.09.2024, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени пиштол  „Екол туна“ калибар 8мм, пиштол „Застава“ калибар 7,62 мм, куршуми со калибар 7,62 мм и една рамка за пиштол.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против правно лице и против Д.П.(34) од Гостивар, сопственик и управител на правното лице, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,предизвикување опасност при градежни работи“. Во текот на јуни 2024 година, на катастарска парцела во Гостивар, како последица од извршени градежни работи од правното лице дошло до одрон на земја, со што било предизвикано оштетување на околните куќи.

На 18.03.2025, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Н.П.(45) од Куманово. Тој бил баран по централна потерница врз основа на судска наредба за издржување затворска казна за сторено кривично дело по член 130 од Кривичниот законик. Лицето било спроведено во Казнено - поправната установа Затвор К’шање за издржување на казната.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против И.М.(31) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. Пријавениот му продал кокаин на лице од Битола, кој бил пронајден и одземен од полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при СВР Охрид.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против С.Л.(41) од с.Боговиње, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 13.02.2025 во семејниот дом, пријавената физички ја нападнала нејзината ќерка.

На 18.03.2025 во 19.25 часот, полициски службеници од Полициската станица Виница го лишиле од слобода П.Т.(33) од с.Јакимово, виничко, постапувајќи по претходна пријава дека околу 17.30 часот на патот од с.Јакимово кон Виница агресивно се однесувал и се заканувал на В.Д.(45) и неговата сопруга. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.А.(39) од Кичево и против правно лице од с.Длапкин Дол, кичевско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“ и „симнување и оштетување на службен печат или знак“. Во текот на 2023 година, во својство на одговорно лице во правното лице, на катастарска парцела во Кичево, пријавениот изградил станбена зграда на која наместо предвиденото поткровје во одобрениот проект, изградил дополнително уште еден кат, со што ја пречекорил дозволената висина. Од извршен инспекциски надзор на овластен градежен инспектор при општина Кичево, извршено е затворање на градилиштето со службена лента и службен знак. На 11.02.2025, општинскиот градежен инспектор извршил контрола на затвореното градилиште, при што на место на настанот биле затекнати градежни работници, кои вршеле градежни работи на објектот, односно на претходно затвореното градилиште. На овој начин пријавениот, за износот на не уплатените комунални давачки, нанел штета на Буџетот на општина Кичево во износ од 2.043.139 денари.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.Б.(20) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 11.12.2024 во семејниот дом, пријавениот физички ја нападнал неговата невенчана сопруга.

На 18.03.2025 во 21.47 часот во Полициската станица Делчево било пријавено дека настанал пожар помошен објект шупа во дворно место од куќа сопственост на Д.А. и З.А. од Делчево, во која никој не живеел. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Делчево, а повредени лица нема. Увид бил извршен.

На 18.03.2025 во 23.00 часот во Скопје, полициски службеници ги лишиле од слобода А.А.(18) и Р.А.(22), двајцата од с.Сингелиќ, скопско. Тие се сомничат дека околу 17.00 часот на подрачјето на Гази Баба со уште еден малолетник го нарушиле јавниот ред и мир со физичка пресметка со З.А.(67) од с.Арачиново, скопско и уште едно лице, од друга страна, при што биле употребени тврди и остри предмети. Притоа, со тешки телесни повреди се здобил З.А. како и Љ.И.(28) од Скопје, кој се обидел да ги раздели, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ во Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 18.03.2025 во 16.30 часот во Регионалниот центар за гранични работи Запад било пријавено дека двајца странски државјани биле заглавени во снежен нанос на подрачје на Националниот парк Галичица и барале помош. Полициски службеници од Полициската станица за граничен надзорт и гранични проверки Св.Наум, претставник од Национален парк Галичица и планинарска спасителска служба на Црвен крст Охрид преземале мерки и на 200 метри под црквата Свети Ѓорѓија биле пронајдени J.C.(35) и O.В.(32), двајцата од Чешка Република. Со нивниот кампер „мерцедес“ со чешки национални ознаки, тие биле извлечени од снежниот нанос.  

СВР Скопје поднесе кривична пријава против С.А.(26) и А.А.(24), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 27.12.2024 во Скопје, пријавените заедно со уште други три лица со употреба на стаклен и дрвен предмет  физички нападнале едно лице, при што му одзеле пари и личен накит.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.Б.(28) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лица при вршење работи на безбедноста“. На 19.01.2025 во болница во Тетово, пријавениот агресивно се однесувал и нападнал лекар кој извршувал работни задачи .   

Денеска (19.03.2025) во 00.10 часот во СВР Скопје, било пријавено дека на подрачјето на Чаир, две лица употребиле пиротехнички средства и го напуштиле местото на настанот. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје, а кутијата од употребените пиротехнички средства била подигната за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

На 18.03.2025 во 13.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Центар, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Х.Б.(51) и Ј.Д.(45), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 18.03.2025 во 22.55 часот во СВР Скопје, од Казнено - поправната установа Затвор Идризово било пријавено дека во установата бил пронајден починат осуденикот З.М.(33) од Куманово. Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција. дма/

Фото: МИА архива

Тагови

Остани поврзан