• четврток, 26 декември 2024

МВР билтен

МВР билтен

Скопје, 11 април 2024 (МИА) - Рано изутринава околу три часот, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода 18-годишниот К.Д. од Кавадарци, со живеалиште во главниот град на државава.

Тој бил затекнат при обид да изврши „тешка кражба“ во филијала на банка на подрачјето на општина Аеродром. Лицето било задржано во Полициската станица Аеродром и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Вчера во 17.45 часот во село Марена, кавадаречко, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода кавадарчанецот М.Р., на возраст од 54 години.

Тој се сомничи дека околу 17.30 часот на паркинг простор во село Марена, одзел патничко возило „рено клио“ со кавадаречки регистарски ознаки, сопственост на Ј.О., на возраст од 55 години, од Кавадарци. Возилото било вратено на сопственикот, а М.Р. бил приведен во полициска станица и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.  

Синоќа во 21.30 часот, полициски службеници од СВР Охрид го приведоа С.Ѓ., на возраст од 39 години од овој град, кој бил баран по потерница врз основа на судска наредба за издржување затворска казна за сторени повеќе кривични дела „тешка кражба“.

Лицето е спроведено во Казнено - поправната установа „Затвор Струга“ за издржување на казната.

Вчера на место викано „Зад Пеливар“, атар на село Слоештица, демирхисарско, полициски службеници од СВР Битола - ОВР Демир Хисар, во координација со Шумска полиција, го лишиле од слобода А.В., на возраст од 44 години, од Слоештица, затоа што кај него биле пронајдени огревни дрва без документација.

Истиот ден, во село Слоештица, полициски службеници од СВР Битола - ОВР Демир Хисар во координација со Шумска полиција, го лишиле од слобода Т.Д., на возраст од 58 години, од селото. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени моторна пила, огревни дрва, тракторска приколка и 220 вреќи ќумур, за што постои сомнение дека е предмет на претходно извршено кривично дело. По документирање на случаите, против лицата ќе биде поднесена соодветна пријава.

Вчера во 17.45 часот на подрачјето на Карпош, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Д.М., на возраст од 20 години од Куманово, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија, за санкционирање на возила што се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 271 возач.

Од нив, 19 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а четири возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 78 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 193 - надвор од населено место.

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.

На територија на град Скопје изречени се вкупно 72 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 12 санкции, седум мерки за возење без возачка дозвола, 10 санкции за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикл, шест мерки за минување на затворен сигнал (црвено светло)...

Вчера во 11.10 часот во СВР Скопје било пријавено дека на булеварот „Никола Карев“, товарно возило „мерцедес атего“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Н., на возраст од 41 година од главниот град, удрило во велосипед управуван од А.Т., на 68-годишна возраст од Скопје.

На местото на несреќата, од здобиените повреди починал А.Т., а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Возачот на товарното возило бил лишен од слобода и задржан во полициска станица за понатамошна постапка. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било дадено на обдукција.

Вчера во 08.45 часот во Полициската станица Аеродром, Н.Х.Р., на возраст од 22 години од Скопје, пријавил дека на булеварот „АСНОМ“ во главниот град на државава бил каснат од куче скитник.
 
Вчера во 13.45 часот во Полициската станица Аеродром, Г.С., на возраст од 62 години од Скопје, пријавила дека на улицата „Тодор Чангов“ била касната од куче скитник.
 
Вчера во 16.15 часот во Полициската станица Аеродром, Ф.П., на возраст од 27 години од Велес, пријавил дека на улицата „Владимир Комаров“ во Скопје бил каснат од куче скитник. бд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан