
Скопје, 15 април 2025 (МИА) - Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство Куманово поднесе кривична пријава против М.П. за кривично дело ,,несовесно работење во службата“ по член 353-в став 1 од Кривичниот законик. Пријавената М.П,. врабoтена како овластено службено лице- референт во Одделението за управни работи Куманово во период од 11.01.2024 до 19.12.2024 од магацинот на СВР Куманово задолжувала платливи обрасци и регистарски таблици наменети за работа на шалтер на МВР во станица за технички преглед на подрачјето на СВР Куманово, примала барања и документи од странки за регистрација на возила, издавала регистарски таблици и платливи обрасци без да им изврши наплата, односно без да и бидат приложени уплатници за извршена уплата или непосредно да изврши наплата преку службениот Пос Терминал со банкарската картичка, со што пријавената М.П., иако била свесна и знаела дека не се исполнети законски пропишаните предуслови, несовесно постапила во вршење на своите овластувања и должности, без претходно да ја запази процедурата за регистрација на возила, со што нанела материјална штета на буџетот на МВР во износ од 417.500 денари. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против М.П. поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и изрече задолжителна мерка за отстранување на работно место-суспензија до завршување на дисциплинската постапка.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против К.А.(28) од Злетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 16.01.2025 во Кратово, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што бил пронајден и одземен амфетамин.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Ѓ.К.(37) од с.Канатларци, прилепско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа”. На 20.01.2025 на Граничен премин Деве Баир, на влез во државата, пријавениот приложил фалсификувана меѓународна зелена карта.
На 14.04.2025 околу 15.50 часот во СВР Велес било пријавено дека на експресниот пат Дреново–Градско, во близина на приклучокот за автопатот Градско-Велес, патничко возило „фолксваген голф“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од М.А.(74) од Прилеп, излетало од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката Љ.А.(70) од Прилеп, додека со телесни повреди се здобил возачот и другиот сопатник Ц.Б.(65) од Прилеп, констатирани во Општата болница во Велес Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Велес.
На 14.04.2025 во 20.45 часот на Граничниот премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го лишиле од слобода А.С.(37) од Косово затоа што при гранична контрола на увид приложил фалсификувана возачка дозвола. Лицето било предадено на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка.
На 14.04.2025 во 09.33 часот во СВР Битола било пријавено дека кај новите гробишта во Битола била пронајдена граната. Пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување Битола безбедно ја подигнал гранатата и било констатирано дека станува збор за артилериска граната калибар 105 мм, која потекнува од Првата светска војна. Увид извршила екипа од СВР Битола.
На 15.04.2025 во 01.20 часот, полициски службеници од Полициската станица Центар го лишиле од слобода Т.И.И.(56) од Република Бугарија, постапувајќи по претходна пријава дека околу 22 часот на 14.04.2025 во угостителски објект на подрачје на Центар ја нападнал и со тврд предмет ја удрил неговата 48 - годишна партнерка од Скопје. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
СВР Штип поднесе кривична пријава против Д.Ѓ.(76) од Делчево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 21.03.2025 во Делчево, пријавената предизвикала пожар на нива во Делчево, кој се проширил и на соседните плацеви.
СВР Битола поднесе кривична пријава против В.У.(37) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 23.03.2024 во Казнено - поправната установа Затвор Битола, каде издржува казна затвор, затворската полиција извршила преглед над пријавениот, при што биле пронајдени и одземени хероин и кокаин.
На 14.04.2025 на различни локации во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода С.А.(29), Б.А.(23), Г.К.(26) и Б.А.(20), сите од Скопје, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 14.04.2025 во 08.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека настанал пожар во објект на приватна фирма на подрачјето на с.Мирковци, скопско. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
Во СВР Скопје било пријавено дека од паркот „Жена борец“ во Скопје од Споменик на култура на Македонците од Егејскиот дел на Македонија со употреба на физичка сила била одземена спомен плоча. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 14.04.2025 во 14.00 часот во Полициската станица Бит Пазар било пријавено дека бил пронајден Ф.Ј.(50) од Скопје, за кого на 13.03.2025 неговиот брат А.Ј.(42) пријави дека се оддалечил од семејниот дом.
На 14.04.2025 во 13.00 часот во близина на хотелски комплекс во Охрид, полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Запад приведоа 13 албански државјани кои се затекнати при изведување градежни активности, без да поседуваат соодветна дозвола за работа. Од преземените мерки констатирано е дека тие на 14.04.2025 оствариле легален влез во државата, но не поседувале соодветни одобренија и дозвола за привремен престој по основ на работа, согласно член 80 од Законот за странци. Тие немале ни сертификати кои биле обврзани да ги поседуваат согласно со предвидените норми за имплементацијата на Законот за ратификација на Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан. По целосно документирање на настанот, РЦГР Запад ќе поднесе соодветна пријава.
Во СВР Скопје 24-годишна жена пријавила дека таа и нејзиниот сопруг биле измамени од едно женско лице за сума од околу 824.000 денари. Според пријавеното, таа се претставила како адвокат и сопственик на правно лице од Битола и ги довела во заблуда дека ќе им овозможи да купат стан кој бил на лицитација со учество од 30% од вкупната сума на чинење на истиот и дека останатите 70% ќе бидат платени од државни пари. Парите во три наврати и биле дадени на рака на неа и на уште едно лице, а исто така им дале и изводи од матична книга на родени и копии од нивни лични карти. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 14.04.2025 во 21.45 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје го привеле З.С.(54) од Скопје, затоа што агресивно се однесувал кон полициски службеници додека вршеле службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 14.04.2025 во 21.30 часот во СВР Скопје, О.М.(32) од с.Брњарци, скопско, пријавил дека околу 19.00 часот во селото, по претходна расправија околу паркирање на возила, бил физички нападнат од Б.С., А.С., А.С. и Б.З.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 14.04.2025 во СВР Скопје, С.А.М.(47), С.Ш.(68) и М.Г.(69), сите од Скопје, пријавиле дека на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје, со употреба на физичка сила и подесен алат биле одземени три бронзени бисти. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Фото: МИА архива