• среда, 13 ноември 2024

МВР билтен

МВР билтен

Скопје, 3 септември 2023 (МИА) - Минатата вечер (02.09/03.09.2023) во периодот од 22 до 01:30 часот на место викано „Бабуна“ во Велес, полициски службеници од криминалистичката полиција при СВР Велес и Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Велес, лишиле од слобода седум лица затоа што кај нив биле пронајдени различни видови дрога.

Имено, полициските службеници постапувајќи по претходно изготвен план за „Безбедно лето 2023“ и на местото, каде што се одржувала забава, извршиле контрола на повеќе лица и возила. Притоа, во 22.00 часот од слобода биле лишени  19-годишната А.М. од с.Теарце, тетовско, А.Т.(20) од Прилеп и Д.Т.(20) од Тетово затоа што кај нив биле пронајдени и одземени марихуана и таблети екстази. Во 22.45 часот од слобода биле лишени И.Г.(29) и Ј.А.(20), двајцата од Велес, затоа што кај нив биле пронајдени и одземени марихуана и амфетамин. Додека, во 01.30 часот од слобода биле лишени Р.С.(30) и 32-годишната С.С., двајцата од Скопје, затоа што при преглед во возилото во кое се превезувале биле пронајдени одземени  марихуана и амфетамин. Лицата биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.   

Ноќеска во 00.45 часот на градскиот плоштад во Кавадарци, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кавадарци ги лишиле од слобода П.М.(24) и 21-годишната Р.И., двајцата од Кавадарци, затоа што при преглед кај нив, кај П.М. била пронајдена и одземена бела грутчеста материја.  

Подоцна, при претрес во домот на П.М., извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени марихуана, предмети со остатоци од марихуана и пари во залични апоени и валути. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 02.09.2023 во 21.30 часот во село Горно Количани, скопско, полициски службеници од Полициската станица Драчево го лишиле од слобода Р.А.(28) од село Драчевица, скопско.

Имено, претходно, во село Батинци, скопско, полициски службеници забележало патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки натоварено со огревно дрво, кое го управувал Р.А. и кој не застанал на знак за запирање даден од полициските службеници. Притоа, совозачот почнал да фрла дрва од возилото, по што еден полициски службеник испукал предупредувачки куршум во воздух. Возилото било сопрено во село Горно Количани, по што совозачот го напуштил местото, а возачот Р.А. бил лишен од слобода и приведен во полициска станица. Возилото и дрвата биле одземени и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријва.  

На 02.09.2023 во 16.40 часот на подрачје на Аеродром, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Д.У.(24) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана.

По документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 02.09.2023 во 22.20 часот на подрачје на Аеродром, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје лишиле од слобода малолетник од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана.  

По документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 02.09.2023 околу 10.00 часот на подрачје на Карпош, полициски службеници од Единицата заинтервентна полиција при СВР Скопје ги лишиле од слобода Х.А.(34) и  И.С.(46), двајцата од село Арнакија, скопско, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана.

По документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 02.09.2023 во 23.30 часот на улицата „Филип Втори Македонски“ во Битола, полициски службеници од СВР Битола ги лишиле од слобода И.Ј.(28) и А.Ј.(31), двајцата од село Карамани, битолско, затоа што кај нив била пронајдена и одземена бела прашкаста материја.

По документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 02.09.2023 во 18.00 часот на улицата „Луботенска“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово од слобода лишиле двајца малолетници од Гостивар затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана.

По документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 03.09.2023 во 02.35 часот на улицата „Вардарска“ во Штип, полициски службеници од СВР Штип го привеле Е.А.(22) од Штип затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана.

По документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 02.09.2023 во 12.05 часот на Граничен премин „Табановце“, полициски службеници лишиле од слобода малолетник од Гостивар, затоа што при пасошка контрола и извршени проверки, било констатирано дека бил предмет на потрага по барање на Секторот за меѓународна полициска соработка поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело по член 236 од Кривичниот законик.

За настанот бил запознаен неговиот родител, со кој патувал, по што малолетникот бил предаден на полициски службеници од ОВР Гостивар за понатамошна постапка.

На 02.09.2023 во 18.30 часот на Граничен премин „Деве Баир“, полициски службеници го лишиле од слобода Р.А.(30) од Косово затоа што при преглед во возилото „бмв“ со косовски национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени белгиска и финска лична карта на други имиња, за кои постои сомнение дека се фалсификувани.

Лицето и предметите биле предадени на полициски службеници од ОВР Крива Паланка за понатамошна постапка.

На 02.09.2023 во 18.40 часот на Граничен премин „Деве Баир“, полициски службеници го лишиле од слобода А.В.(47) од Република Турција поради постоење основи на сомнение дека возачката дозвола, која ја дал на увид, била фалсификувана.

Лицето било предадено на полициски службениви од ОВР Крива Паланка за понатамошна постапка.

На 02.03.2023 во 17.42 часот во СВР Битола било пријавено дека при ископ во село Избишта, ресенско, била пронајдена неексплодирана граната.

Пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување Битола безбедно ја подигнал гранатата и констатирал дека се работи за артилериска граната со калибар 75 мм која потекнува од Првата светска војна. Увид бил извршен.

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (02.09.2023) продолжи со контролите во областа на сообраќајот.

На територија на град Скопје изречени се вкупно 138 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 37 санкции, 15 мерки за возење без возачка дозвола, 19 санкции за возење под дејство на алкохол...

Во текот на изминатата вечер  (02/03.09.2023) во периодот од 23.00 до 04.00 часот на подрачјето на СВР Битола била спроведена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возило под дејство на алкохол.

При контролата биле санкционирани  21 возачи  За време на контролата биле санкционирани и 6 други видови прекршоци.

Полициски службеници на СВР Тетово, ноќеска ( 2/3септември) во периодот од 22.00 до 04.00 часот спровеле акциска контроли за санкционирање на  возачите кои управуваат возила под дејство на алкохол.

При контролата билее откриени и санкционирани вкупно 14 возачи (ТЕ-7 и ГВ-7) кои управувале под дејство на алкохол, од кои кај 3 возачи (ТЕ-2 и ГВ-1) било утврдено присуство од еден и пол до два промили алкохол во крвта.Сите прекршители веднаш се исклучени од сообраќај и изготвени им се поднесоци со парични глоби кои за овој вид прекршок се движат од 225 до 375 евра во денарска противвредност. Санкционирани, исто така, биле и 11 други видови прекршоци (ТЕ-7 и ГВ-4).

На 02.09.2023 во 12.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на регионален пат Скопје – Хидроцентрала „Козјак“, во близина на крстосница со локален пат за с.Брезница, скопско, С.К.(29) од Скопје, управувајќи мотоцикл „хонда“ со скопски регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал од коловозот.

Од здобиените повреди, на местото починал мотоциклистот, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Увид извршиле јавен обвинител и екипа од СВР Скопје.

На 02.09.2023 во 16.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосница од улиците „Козле“ и „Брадфордска“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу мотоцикл „бенели“ со скопски регистарски ознаки, управуван од Д.М.(21) од Скопје и патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ф.В.(31) од Скопје, по што настанал пожар на мотоциклот и возилото.

Во несреќата, со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот Д.М., додека возачот Ф.В. се здобил со телесни повреди, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје.

На 03.09.2023 во 00.24 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосница од булеварот „Никола Карев“ и улицата „Прохор Пчински“ во Скопје, патничко возило удрило во пешакот И.Е.(75) од Скопје и го напуштило местото.

Од здобиените повреди на местото починал И.Е., а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје и јавен обвинител, по чија наредба телото било дадено на обдукција. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 02.09.2023 во 21.40 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека на локалниот пат за село Дреново, на место викано „Стара автобуска“, Б.Т.(58) од Кавадарци, управувајќи патничко возило „форд фокус“ со кавадаречки регистарски ознаки, изгубил контрола и со возилото излетал од патот.  

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот Б.Т. и малолетен сопатник од Кавадарци, констатирани во болницата во Кавадарци. Увид на местото извршиле јавен обвинител и увидна екипа на ОВР Кавадарци.

На 02.09.2023 во 12.30 часот во Полициската станица Аеродром, Д.З.(72) од Скопје пријавил дека на булеварот „АСНОМ“ во Скопје бил каснат од куче скитник.

На 02.09.2023 во 19.40 часот во Полициската станица Центар, И.М.(31) од Скопје пријавила дека на булеварот „Македонско косовска бригада“ во Скопје, нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник.

На 02.09.2023 во 09.30 часот во Полициската станица Гостивар, В.С.(48) од Гостивар пријавила дека на улица „Илинденска“ во Гостивар била касната од куче скитник. бд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан