• среда, 27 ноември 2024

МВР билтен

МВР билтен

Скопје, 25 мај 2023 (МИА) - Полициски службеници од СВР Тетово вчера околу 10:20 часот го лишиле од слобода 38-годишниот Ј.И. од тетовско Слатино. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, пронајдени билe и одземени марихуана, дигитална вага и дробилка. Ј.И. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Струмица вчера во 14:00 часот ги лишиле од слобода Ф.А.(20) и уште двајца малолетници од село Банско, струмичко. Тројцата биле затекнати на место викано „Габровски пат“, атар на село Банско, на планината Беласица како со моторна пила вршат пустошење на шума. Од страна на Шумска полиција затекнатите исечени дрва биле одземени и пренесени во складот на Јавното претпријатие Национални шуми, подружница Беласица - Струмица. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во угостителски објект на подрачјето на Центар, вчера во 23:00 часот полициски службеници го лишиле од слобода Ј.М.(31) од Скопје, затоа што кај него биле пронајдени и одземени прашкаста материја и пет дробилки, а при преглед на неговото возило биле пронајдени и одземени 50 парчиња држачи за муниција, куршум калибар 7,62 милиметри и два ножа. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

Полициски службеници на СВР Тетово вчера околу 15:00 часот го привеле 49-годишниот тетовец Б.И.. Тој се барал со судска наредба за издржување затворска казна во Казнено-поправната установа Затвор „Тетово“ во Тетово, а набргу бил спроведен во установата. Нешто подоцна, околу 16:20 часот полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар, со судска наредба, го привеле 35-годишниот гостиварец А.С. за издржување затворска казна во Казнено-поправната установа Затвор „Тетово“ во Тетово. И А.С. бил спроведен во оваа установа за издржување на затворската казна.

Полициски службеници од криминалистичката полиција на СВР Битола вчера во 18:30 часот во Битола на улицата „Димитар Илиевски Мурато" го лишиле од слобода И.Г.(29) од Битола. Тој, управувајќи патничко возило „пасат“ со битолски регистарски ознаки, кај место викано „Грозд“, преку отворен прозорец со воздушна пушка испукал во кучиња скитници. Од него биле одземени воздушна пушка „гамо“ калибар 4,5 милиметри и пакување со дијаболи. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена пријава по Законот за оружје.

Полициски службеници на СВР Тетово вчера околу 20:30 часот, на улица „Браќа Миладинови“ во Тетово го лишиле од слобода 27-годишниот тетовец Д.Ј., затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. Тој е задржан во Полициската станица Тетово и против него ќе следува соодветен поднесок.

Полициски службеници од Единицата за интервентна полиција вчера во 14:10 часот на подрачје на Аеродром го лишиле од слобода Л.В.(18) од Скопје. Тој се сомничи дека во 10:55 часот на крстосница од  булеварите „Партизански одреди“ и „Св. Климент Охридски“, управувајќи мотоцикл „сузуки“ со скопски регистарски ознаки, не застанал на даден знак за запирање од страна на полициски службеници и удрил во патничко возило „дачиа“, сопственост на МВР, по што го напуштил местото. Во незгодата со повреди се здоби полициски службеник, по што бил пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“ за укажување лекарска помош. Л.В. е приведен во полициска станица, известен е јавен обвинител и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На Граничниот премин Табановце, вчера во 11:50 часот на влез во државата по извршена пасошка контрола било констатирано дека А.М.(32) од Србија се наоѓа во оперативната евиденција со распишана меѓународна потерница од Интерпол Германија. Тој бил приведен и предаден на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка.   

На Граничниот премин Табановце, вчера во 13:30 часот на влез во државата бил приведен К.Ф.(46) од Грција, кој управувал патничко возило „фолксваген пасат“ со бугарски национални ознаки, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело фалсификување на сообраќајна дозвола. Тој заедно со возилото биле предадени на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка.  
 
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 137 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 40 санкции, 22 мерки за возење без возачка дозвола, 13 санкции за возење под дејство на алкохол. Изречени се осум мерки за користење мобилен телефон при возење, шест мерки за возач почетник, две санкции за минување на затворен сигнал - црвено светло...

Вчера од 11:00 до 17:00 часот на подрачјето на СВР Тетово спроведена е акциска контрола за брзина со која се движат возилата, а во која вкупно биле откриени и санкционирани 132 пречекорувања на максимално дозволената брзина, од кои 103 биле надвор од населено место (ТЕ-38 и ГВ-65). Четири од нив, (ТЕ-1 и ГВ-3) биле за над 70 километри на час, 22 пречекорувања од 50 до 70 километри на час (TE-9 и ГВ-13) и така натаму. Покрај ова, санкционирани се и 29 (ТЕ) пречекорувања на пропишаната брзина во населено место, како и 7(ТЕ) други видови сообраќајни прекршоци.

Вчера во 7:15 часот било пријавено дека на патот за село Долно Оризари во Битола се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко „мерцедес“, управувано од Г.Н.(34) од Долно Оризари и патничко возило „шкода“, управувано од М.Т.(66) од истото село, двете со битолски регистарски ознаки. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил М.Т., констатирани во Клиничката болница Битола. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Битола.

Вчера во 18:50 часот било пријавено дека на локалниот пат Штип – Плачковица, во близина на археолошки локалитет Баргала, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген голф“, управувано од С.Д.(24) од село Аргулица – општина Карбинци и патничко возило „форд фиеста“, управувано од М.С.(52) од Штип, двете со штипски регистарски ознаки. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката од возилото „форд фиеста“, З.М.(27) од Штип, а двајцата возачи се здобиле со телесни повреди, констатирани во Клиничката болница Штип. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип.

Во СВР Тетово вчера во 15:40 часот е пријавено дека на регионалниот пат Гостивар-Кичево, во близина на Сретковски мост, се случила сообраќајна несреќа во која учествувале две патнички возила со скопски регистарски ознаки: „хјундаи“ управувано од 56-годишниот Ш.С. од тетовско Рогле и „фолксфаген голф“ што го управувал 55-годишниот Љ.С. од Скопје. Во несреќата, возачот Ш.С. се здобил со тешки, а возачот Љ.С. со телесни повреди, констатирани во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“ каде биле пренесени за укажување на лекарска помош. На местото на несреќата увид извршила екипа од Одделението за внатрешни работи Гостивар.

С.К.(40) од Скопје вчера во 22:30 часот во Полициската станица Аеродром пријавила дека на улицата „Ѓорѓи Крапчев“ нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник.

И.С.(49) од гостиварско Врапчиште вчера во 22:30 часот во СВР Тетово пријавил дека на локален пат во селото неговата малолетна ќерка била касната од куче скитник.вј/

Фото: МИА архива

Остани поврзан