• понеделник, 29 јули 2024

МВР билтен

МВР билтен

Скопје, 16 септември 2023 (МИА) - Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Струмица вчера во 15:30 часот во село Просениково, струмичко, го лишиле од слобода Л.Ѓ.(22) од село Ерџелија, општина Свети Николе. При преглед на простор во кој престојувал, како и во нива во атар на село Просениково, биле пронајдени предмети кои потекнуваат од тешки кражби извршени ноќта помеѓу 14 и 15 септември годинава на подрачје на Струмица. Одземените предмети се вратени на сопствениците, за настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и по целосно документирање на случајот против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.

Синоќа во периодот од 23:30 до 02:10 часот од страна на полициски службеници од СВР Битола спроведена е акциска контрола на подрачјето на Битола во угостителски објекти, при што во еден објект во Битола се затекнати 50 малолетници после полноќ, од кои 18 консумирале алкохол. Тие се предадени на нивните родители, а по документирање на случајот ќе следуваат соодветни пријави. Вчера во 22:15 часот полициски службеници од СВР Битола во угостителски објект во Битола ги лишиле од слобода Л.К.(31) од Скопје и В.М.(22)од Битола, кај кои е пронајдена бела прашкаста материја.

Синоќа во периодот од 0:00 до 4:00 часот на подрачје на Прилеп спроведена е акциска контрола во угостителски објекти при што во угостителски објект во Прилеп е затекнато едно малолетно лице после полноќ, кое е предадено на родителите, а по документирање на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци.  

Полициски службеници од СВР Тетово вчера во 13:25 часот во Тетово го лишиле од слобода Р.Љ.(37) од Тетово поради тоа што кај него била пронајдена и одземена кафеава прашкаста материја. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

Утрово во 2:00 часот било пријавено дека на улицата „Едвард Кардељ“ во Нов Дојран патничко моторно возило „опел астра“ со велешки регистарски ознаки, управувано од С.Д.(25) од Нов Дојран, излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот и сопатникот Д.Д.(22), а со телесни повреди се здобил уште еден сопатник Б.К.(23), двајцата од Нов Дојран, констатирани во ЈЗУ Гевгелија. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Гевгелија.   

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 158 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 14 санкции, 13 мерки за возење без возачка дозвола, седум санкции за минување на затворен сигнал - црвено светло, 10 мерки за користење мобилен телефон при управување...

Вчера во 13:00  часот, било пријавено дека на крстосница од магистралниот пат Куманово- Крива Паланка и регионален пат Ранковце-село Герман се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „форд“ со кривопаланечки регистарски ознаки, управувано од К.К.(59) од Крива Паланка, и товарно моторно возило „фиат“ со струмички регистарски ознаки, управувано од Р.Т.(53) од село Костурино. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот К.К. и неговата сопатничка Р.К.(31) од Крива Паланка. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Крива Паланка.

Ј.П.(66) од Скопје, вчера во 15:15 часот во Полициската станица Карпош пријавил дека на улица „Козле“ бил каснат од куче скитник.

Вчера во 15:50 часот било пријавено дека на регионалниот пат село Пирок-Тетово кај село Камењане, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „ауди“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од А.Б.(34) од село Боговиње и патничко моторно возило „бмв“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од У.М.(31) од село Ново Село. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничка од возилото „бмв“ Љ.С.(52), а со телесни повреди се здобила уште една сопатничка Х.С.(24), констатирани во Клиничката болница Тетово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Тетово.вј/

Фото: МИА архива

Остани поврзан