• петок, 27 декември 2024

МВР билтен

МВР билтен

Скопје, 19 јануари 2024 (МИА) - Денеска (19.01.2024) во 00.30 часот во Штип, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Штип ги лишиле од слобода И.В.(34), С.И.(29) и 22 - годишната В.Д., сите од Штип. При претрес во домот на И.В., извршен со судска наредба, каде биле затекнати С.И. и В.Д., биле пронајдени и одземени бела грутчеста материја, марихуана, дигитална вага и други предмети со остатоци од бела грутчеста материја. И.В. бил задржан во полициска станица, а за настанот бил известен јавен обвинител. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

Денеска (19.01.2024) во 02.30 часот на улица „Иво Лола Рибар“ во Тетово, полициски службеници од СВР - Тетово ги лишиле од слобода М.С.(21) и малолетник, двајцата од Тетово. Тие биле затекнати при кражба на мотоцикл во двор од куќа. Одземеното било пронајдено и вратено на сопственикот, а лицата се задржани во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против нив ќе следува соодветна пријава.

На 18.01.2024 во Гевгелија, полициски службеници од Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија и Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Богородица при Регионалниот центар за гранични работи Југ, го лишиле од слобода Г.Ш.(39) од Кавадарци, со привремен престој во Гевгелија. По преземени мерки и активности било дојдено до сознание дека на 12.01.2024 околу 20.00 часот, тој го управувал патничкото моторно возило „крајслер“, кое во близина на Дојран излета во провалија, а во кое превезувал 11 лица мигранти од Сирија, од кои едно лице почина, а останатите се здобија со повреди. Според пријавеното, пред да излета возилото, тој скокнал од него и го напуштил местото.  За настанот бил известен јавен обвинител и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена пријава по член 418 – б став 3 и 4 и член 300 став 4, а во врска со член 297 и член 301 од Кривичниот законик.   

На 18.01.2024 во Штип, полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Штип го лишиле од слобода И.А. (31) од село Габревци, општина Конче, кој бил баран од Одделението за внатрешни работи Радовиш поради сомнение дека е сторител на повеќе кривични дела на подрачје на Радовиш. Врз основа на судска наредба, извршен е претрес во неговиот дом во село Габревци, при што биле пронајдени предмети кои потекнуваат од кривичните дела. Со него бил извршен службен разбовор, при што признал дека во реонот на брана „Мантово“, општина Конче, извршил шест кривични дела „тешка кражба“ и едно кривично дело „кражба“, пријавени во периодот од октомври 2023 до јануари 2024 година. Лицето е задржано во просториите на Полициската станица Радовиш, за настанот е запознаен јавен обвинител од Основното обвинителство Радовиш и против него се поднесени соодветни пријави по член 236 и член 235 од Кривичниот законик.

На 19.01.2024 во 01.40 часот во угостителски објект на подрачје на Центар, полициски службеници го лишиле од слобода Б.И.(29) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена бела прашкаста материја. По документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 19.01.2024 во 03.00 часот во угостителски објект на подрачје на Центар, полициски службеници го лишиле од слобода И.Ј.(21) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена бела прашкаста материја. По документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 19.01.2024 во 00.10 часот на подрачје на Аеродром, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода М.С.(19) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 18.01.2024 во 10.00 часот во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го привеле лицето Т.Џ.(48) од тетовско Селце. Тој бил баран со судска наредба за издржување затворска казна. Лицето било предадено во Казнено – поправната установа „Затвор Тетово“ за издржување на казната.

На 18.01.2024 во 07.30 часот, полициски службеници од СВР Куманово го привеле Н.В.(24) од село Тромеѓа, кумановско. Тој бил баран со наредба од Основен суд Куманово за издржување затворска казна. Лицето било спроведено во Казнено – поправната установа „Затвор Идризово“ за издржување на казната.

На 18.01.2024 во 18.30 часот на Граничен премин „Долно Блаце“, полициски службеници го лишиле од слобода M.E.(20) од Република Албанија. При извршена гранична проверка и контрола било констатирано дека возилото „ауди а8“ со англиски национални ознаки, кое го управувал, евидира во Секторот за меѓународна полициска соработка – Интерпол како украдено. Лицето и возилото биле предадени на полициски службеници од ЕВР Чаир за понатамошна постапка.

На 18.01.2024 во 18.00 часот на Граничен премин „Деве Баир“, полициски службеници го привеле Д.Д.(22) од Република Бугарија, затоа што по извршената пасошка проверка, било констатирано дека во државата немал пријавено престој и дека престојувал повеќе од дозволеното. Лицето било предадено во Полициската станица Крива Паланка за понатамошна постапка.   

На 18.01.2024 на улицата „Јадранска Магистрала“ во Скопје, полициски службеници од Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Скопје го привеле А.А.(33) од Република Црна Гора затоа што при извршена контрола било констатирано дека немал регулиран престој во државата. Лицето било предадено на полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Север за понатамошна постапка.

На 18.01.2024 во 12.00 часот во Полициската канцеларија Богданци било пријавено дека во двор на улицата „Кукушка“ била пронајдена стара неиспукана граната. Пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување Гевгелија ја подигнал гранатата и било констатирано дека се работи за артилериска граната со потекло од Втората светска војна.   

На 18.01.2024 во 23.45 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на улицата „Јоска Јорданоски“ во Прилеп, патничко возило „сеат кордоба“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Д.Ј. (51) од Прилеп, удрило во пешакот С.Т.(57) од Прилеп. Во несреќата, со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Градската болница во Прилеп. Увид на местото извршила екипа од ОВР Прилеп.

На 18.01.2024 во 21.00 часот во Полициската станица Кочани било пријавено дека на улицата „Тодосија Паунов“, патничко возило удрило во пешакот С.С.(74) од Кочани и го напуштило местото. Во несреќата, С.С се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општа болница Кочани. Увид на местото извршила увидна екипа од Полициската станица Кочани.

На 18.01.2024 во 23.45 часот во Полициската станица Драчево, Т.П.(39) од Скопје пријавила дека на улицата „Бранко Заревски“, нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник. бд/

Фото: МИА 

Остани поврзан