• четврток, 19 декември 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 15 октомври 2024 (МИА) - Полициски службеници од Полициското одделение во струшкото село Велешта, синоќа во 20:10 часот на локален пат помеѓу струшките села Велешта и Добовјани го приведоа Б.А.(19) од Струга. При преглед во возилото „цитроен“, во кое се превезувал, била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Вчера во 10.00 часот во СВР Тетово, 45-годишник од тетовско пријавил дека бил измамен од А.Л.(44) од Скопје за сума од 750 евра. Според пријавеното, на 24.08.2024 А.Л., сопственик на правен субјект од Скопје, го довел во заблуда и му ветил дека за еден месец ќе му изврши транспорт на патничко возило од Сојузна Република Германија, а тој за услугата му ги дал парите. Откако поминал договорениот термин и не му било донесено возилото, сфатил дека е измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Б.К.(42) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. При извршена контрола на улицата „Пере Тошев“ во Охрид, полициските службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при СВР Охрид кај него пронајдоа и одзедоа хероин.

ОВР Дебар поднесе кривична пријава против К.С.(48) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела  „узурпација на недвижности“ и „бесправна градба“. Тој, во текот на 2024 година, на дел од катастарска парцела покрај крајбрежјето на Дебарското езеро, во месноста „Бадеми“, сопственост на А.Д. ЕСМ-Скопје, бесправно изградил објект за домување од цврста градба и го оградил, со што се стекнал со противправна имотна корист.

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против А.Д.(34) од селото Преглово, општина Пласница, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување на службено лице во вршење  службено дејствие“. На 02.10.2024 на улица „11 Септември“ во Кичево, тој агресивно се однесувал кон полициски службеници, кои преземале службени дејствија, по што беше лишен од слобода.

 Полициски службеници од Полициското одделение Мирковци денеска во 01:50 часот во село Побожје, скопско, го привеле Д.П.(28) од Скопје затоа што агресивно се однесувал кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Синоќа во 23:50 часот во Скопје, полициски службеници од Полициската станица Бит Пазар го лишиле од слобода Б.Р.(32) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека околу 20.30 часот на подрачјето на Бит Пазар физички ја нападнал неговата 38-годишна партнерка од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Вчера околу 17:30 часот во СВР Скопје, 22 - годишник од Скопје пријавил дека на 11.10.2024 околу 13:30 часот во неговиот дом на подрачјето на Центар бил физички нападнат од неговата 26-годишна партнерка од Скопје, која оштетила и дел од покуќнината. Денеска (15.10.2024) во 05.00 часот, и неговата партнерка пријавила дека на 09.10.2024 на подрачјето на Центар тој физички ја нападнал неа, а со нејзиниот поранешен партнер двајцата имале физичка пресметка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во СВР Скопје било пријавено дека на 12.10.2024 околу 22:20 часот на подрачјето на општина Аеродром во Скопје бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу две малолетнички од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Вчера во 10:00 часот во СВР Скопје, А.Ј.(42) од Скопје пријавил дека околу 09:30 часот на подрачјето на Гази Баба бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 12:00 часот во Полициската станица Карпош, од Јавната установа за згрижување деца било пријавено дека од установата се оддалечил нивниот штитеник И.И.(14) од Битола, кој и претходно се оддалечувал и бил враќан. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

Вчера во 15:10 часот во Полициското одделение Шуто Оризари, Н.Ј.(37) од Скопје пријавил дека од домот се оддалечил неговиот внук М.Ш.(15), кој и претходно се оддалечувал и бил враќан. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

 Е.Т.(36) од Скопје денеска во 02:30 часот во СВР Скопје пријавил дека од домот се оддалечила неговата ќерка А.Т.(16). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

Вчера во 09:20 часот, У.А.(83) од Струга во полициска станица пријавил дека бил каснат од куче, сопственост на неговиот сосед М.П. од Струга. По целосно документирање на настанот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

Синоќа во 22:00 часот во Полициската станица Центар, Л.Б.(62) од Скопје пријавила дека на подрачјето на Центар во Скопје била касната од куче скитник.

Вчера во 16:45 часот во Полициската станица Аеродром, М.Ѓ.(38) од Скопје пријавил дека на бул.„Србија“ во Скопје бил каснат од куче скитник.
 
Синоќа во 20:55 часот во Полициската станица Гази Баба, А.З.(61) од Скопје пријавил дека на бул.„Киро Глигоров“ во Скопје бил каснат од куче скитник.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.С.(36) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 16.09.2024 во спортска обложувалница, пријавениот со закана со остар предмет кон вработените одзел пари од дневниот промет.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ф.М.(49) од с.Бозовце, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“. На 04.07.2024, вработени во ЕВН-Тетово извршиле контрола на електрични броила на ул.„Тодор Циповски Мерџан“ во Тетово, при што било констатирано дека пријавениот на бандера пред куќа поставил механичко броило без одобрение на ЕВН со што користел електрична енергија без контрола и мерење на потрошена електрична енергија.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ф.К.(65) од с.Ларце, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 04.08.2024 на ул.„Мирче Ацев“ , пријавениот физички го нападнал Д.Н. од Тетово.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Н.А.(51) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „телесна повреда“ при семејно насилство и „загрозување на сигурноста“. На 17.06.2024 во семејниот дом во Тетово,  пријавениот физички ја нападнал неговата сопруга.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против А.Ѓ.(37) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ вo врска со семејно насилство. На 22.09.2024 во семејниот дом, пријавениот физички ја нападнал својата 44-годишна сопруга.

СВР Штип поднесе кривична пријава против Ф.З.(33) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 28.08.2024 во Штип, пријавениот физички ја нападнал неговата партнерка.

СВР Битола поднесе кривична пријава против Џ.А.(34) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 07.08.2024 на ул.„Дебарца“ во Прилеп, по претходна расправија, пријавениот се обидел со остар предмет да го нападне Д.А., но бил спречен од друго лице.

СВР Штип поднесе кривична пријава против Ф.С.(43) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување на сигурноста“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 19.08.2024 во двор од семејната куќа во Штип, пријавениот со нож се заканувал на својот татко, а потоа агресивно се однесувал и кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија и со нож му нанел повреда на еден полициски службеник.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.С.(37) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 21.08.2024 во Секторот за компјутерски криминал при МВР било пријавено дека едно лице на социјална мрежа добивало пораки со расистичка и заканувачка содржина. По преземени мерки било утврдено дека профилот му припаѓа на пријавениот, по што на 19.09.2024 во СВР Тетово бил извршен разговор со него, при што изјавил дека ги испратил пораките, без наводно да знае дека претставуваат кривично дело.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Л.А.(57) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 02.10.2024, пријавениот упатувал  закани на неговата ќерка.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Д.Н.(38) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.  Полициски службеници извршиле преглед на пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана и амфетамин.  

СВР Куманово поднесе кривична пријава против М.А.(45) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.Полициски службеници извршиле преглед на пријавениот, при што пронашле и одзеле хероин.  

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Македонски Брод поднесе кривична пријава против лицето М.И.(38) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. На 29.09.2024 на социјална мрежа   пријавениот објавил статус со кој промовирал омраза. дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан