• сабота, 23 ноември 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 27 октомври 2024 (МИА) - Во СВР - Велес вчера било пријавено дека околу 1:45 часот на регионалниот пат село Теово - село Согле, општина Чашка, патничко возило „фолксваген поло“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од С.С., на возраст од 31 година од село Пешталево, општина Долнени, излетало надвор од коловозот.  

Во несреќата, со тешки телесни повреди се здобил возачот, а со телесни повреди се здобила малолетна сопатничка, констатирани во болницата во Прилеп. По овластување на јавен обвинител од Велес, увид на местото извршила увидна екипа од СВР - Велес.

Вчера во 10:15 часот во ОВР - Неготино било пријавено дека на улицата „Гоце Делчев“, патничко возило „тојота“ со неготински регистарски ознаки, управувано од М.Ќ., на возраст од 68 години од Неготино, удрило во 77-годишната Л.М. од Скопје.

Во несреќата, со тешки телесни повреди се здобила Л.М., констатирани во болницата во  Велес. По овластување на јавен обвинител од Кавадарци, увид извршила увидна екипа од ОВР - Неготино.

Вчера во времето од 10 до 14 часот, полициски службеници од ОВР - Ресен при СВР - Битола при преземање на мерки и активности за спречување на питачење на подрачјето на Ресен, во село Јанковец, ресенско, ги затекнале А.Д.(48), В.Д.(44) и М.Д.(43), сите од Прилеп, при питачење.

По документирање на настанот, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Вчера во СВР - Битола, Д.П., на возраст од 55 години од овој град, пријавил дека во дом на улицата „Цветан Димов“, починала Е.К., 88-годишничка од Северна Ирска, со престој во градот.

Смрт без траги на насилство констатирал доктор од Итна медицинска помош - Битола, а по наредба на јавен обвинител, телото е предадено за обдукција. Увид извршила увидна екипа на СВР - Битола.

Синоќа во 10:19 часот во СВР - Битола било пријавено дека на патниот правец Битола - Ресен, кај место викано Превалец, се случила сообраќајна несреќа помеѓу мотоцикл со битолски регистарски ознаки, управуван од В.П., на возраст од 43 години од Битола и патничко моторно возило „фолксфаген" со битолски регистарски ознаки, управуван од Т.Р., на 55-годишна возраст од село Лера,битолско.

Во несреќата, со тешки телесни повреди се здобил В.П., констатирани од доктор во Клиничка болница - Битола. Увидот го извршила увидна екипа на СВР - Битола.

Денеска во 3:30 часот, полициски службеници од СВР - Струмица го лишиле од слобода М.Х., 18-годишник од овој град.

Тој се сомничи дека околу три часот во Струмица, го нападнал со остар предмет Ѓ.Ѓ., исто така на возраст од 18 години, од Радовиш, нанесувајќи му повреда. Ѓ.Ѓ. бил пренесен во Медицински центар - Струмица, а за настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство - Струмица. М.Х. бил задржан во полициската станица - Струмица и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

ОВР - Струга поднесе кривична пријава против Б.А., на возраст од 47 години од струшкото село Делогожда, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“.

Пријавениот, на градежно земјиште на улицата „Туристичка“ во Струга, спротивно на Законот за градење, изградил објект за домување. Инспекциски надзор извршила и градежна инспекција при општина Струга, констатирала кршење на законските одредби.

Завчера во 14:10 часот во СВР - Скопје, пријавено било дека на крстосницата од улиците „Козле“ и „Леринска“, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фиат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.К., на возраст од 73 години од главниот град на државава и патничко возило „даеву“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Ј., 71-годишно лице од Скопје.

Во несреќата, со тешки телесни повреди се здобила Т.Т., на возраст од 73 години од Скопје, која била пешак на местото на настанот. Со телесни повреди се здобиле возачот на патничкото возило „фиат“ и неговата сопатничка С.Б., на 72-годишна возраст, исто така од Скопје, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Возачот М.Ј. се здобил со телесни повреди констатирани во Градската општа болница „8-ми Септември“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР - Скопје.

Денеска во 2:40 часот во СВР - Скопје, И.Н., 57-годишен скопјанец, пријавил дека вчера и завчера на подрачјето на Карпош и Центар, неговиот малолетен син бил физички нападнат од Х.Р.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска во 00:15 часот во СВР - Скопје, Д.Т., 18-годишник од скопското село Петровец, пријавил дека околу 23:30 часот, пред казино во селото, физички бил нападнат од Б.Ц. од скопско Ржаничино.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Синоќа во 22:15 часот во СВР - Скопје, Г.С.. 49-годишен скопјанец, пријавил дека околу 20:30 часот на подрачјето на Центар, неговиот малолетен син бил физички нападнат од А.П. од главниот град на државава.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 9:30 часот во СВР - Скопје било пријавено дека на подрачјето на општина Аеродром бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу В.А., на возраст од 31 година и Д.Д., 41-годишно лице, двајцата од главниот град на државава.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Синоќа во 22:30 часот во СВР - Скопје било пријавено дека во изнајмена соба на подрачјето на Кисела Вода, П.А., 27-годишник од Гана, извршил обљуба врз неговата 32-годишна партнерка.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во СВР - Скопје било пријавено дека на 24 октомври на подрачјето на Ѓорче Петров, Џ.У., 54-годишен скопјанец, бил физички нападнат од едно лице.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 7:10 часот во ОВР - Крива Паланка, било пријавено дека во село Мождивњак, маала „Чивлик“- Крива Паланка, настанал пожар во патничко возило „пежо“ со кривопаланечки регистарски ознаки, сопственост на М.М., 43-годишно лице од истото село, а што било паркирано во неговиот двор.

Пожарот е локализиран од Територијална противпожарна едница - Крива Паланка. Повредени лица нема. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР - Крива Паланка.

Вчера во 14:30 часот во СВР - Штип, А.Р., 73-годишник од овој град, пријавил дека едно лице со употреба на сила му го одзело мобилниот телефон.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 17:40 часот, полициски службеници ги лишиле од слобода П.Л.(40), Т.Б.(42) и М.Ј.(32), сите од Свети Николе, по претходна пријава дека во село Пуздерци, пробиштипско, во дворот на семејната куќа на Е.Е., на возраст од 51 година, физички го нападнале, а притоа употребиле и тврди предмети.

Потоа дополнително му се заканувале, при што П.Л. извадил пиштол, за што подоцна било констатирано дека бил пластичен. Известен бил јавен обвинител и по целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

СВР - Тетово поднесе кривична пријава против А.З., 40-годишник од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“.  

На 1 јули во Тетово, по претходна расправија, пријавениот со уште неколку лица, физички ги нападнале А.З., О.З. и Ќ.З..

СВР - Тетово поднесе кривична пријава против Т.Т., на возраст од 61 година од тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ во врска со семејно насилство.

На 17 јули, пријавениот физички ја нападнал неговата ќерка.

Надворешна канцеларија за криминалистички работи - Кочани поднесе кривична пријава против Б.С., на возраст од 37 години од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“.

На 16 септември во Кочани, пријавениот физички ги нападнал М.В. и нејзиниот сопруг.

СВР - Тетово поднесе кривична пријава против малолетник од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“.

На 26 септември во основно училиште во Тетово, пријавениот, по претходна расправија, физички нападнал негов соученик.

СВР - Скопје поднесе кривична пријава против Н.В., на возраст од 52 години од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување со опасно орудие при тепачка и караница“ и „загрозување на сигурноста“.

На 9 август, пријавениот агресивно се однесувал кон Х.В. и неговиот брат, при што со пиштол го оштетил нивното патничко возило „фолксваген голф“.

СВР - Скопје поднесе кривична пријава против Д.С., 19-годишен скопјанец, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење на работи од безбедноста“.

На 14 октомври во село Мралино, скопско, пријавениот физички нападнал полициски службеници, кои вршеле службени дејствија.

СВР - Тетово поднесе кривична пријава против Н.М.(40), И.Ф.(33) и А.К.(35), сите од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторени  кривични дела „загрозување на сигурноста“ и „спречување службено лице во вршење службено дејствие“.

На 24 септември во Тетово, првопријавениот упатувал закани на полициски службеници, а при обид да го лишат од слобода, второ и третопријавените физички ги нападнале полициските службеници.

СВР - Тетово поднесе кривична пријава против правно лице од Гостивар и З.А., 44-годишник од село Балиндол, управител на пријавениот правен субјект, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „повреда на право од пријавен или заштитен пронајдок и топографија на интегрални кола“.

На 04.11.2023, при контрола во пријавениот правен субјект, биле затекнати 26 вработени и одговорниот С.А., при што било констатирано дека компјутерите не поседуваат налепници за лиценциран софтвер. бд/вг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан