• четврток, 26 декември 2024

МВР билтен (ДПЛ)

МВР билтен (ДПЛ)

Скопје, 2 септември 2024 (МИА) - СВР Тетово поднесе кривична пријава против Е.К.(22) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ и „напад врз службено лице при вршење на работи од безбедноста“ и против Н.С.(23) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 28.08.2024, по претходно добиени оперативни информации и преземени соодветни мерки и активности, лицата се лишени од слобода со уште двајца малолетници во село Палатица, на место викано „Рон Скура“ во импровизирана колиба, каде препакувале марихуана за натамошна продажба. Притоа, биле пронајдени марихуана, пиштол и куршуми. При приведувањето, Е.К. нападнал полициски службеник. Од страна на судија на претходна постапка од Основен суд Тетово, на прво и второ пријавениот одредена им е мерка притвор во траење од 30 дена.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Р.С.(50) од село Мојанци, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ и „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 29.08.2024, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија во содејство со Одделот за криминалистичка полиција при МВР го лишиле од слобода пријавениот затоа што при извршен претрес во неговиот дом во село Мојанци пронајдени се и одземени пиштол „Екол Алп“ калибар 9 мм со три куршуми, пиштол со ознака „Бојно државни“ со 106 куршуми, дигитална вага, стебла канабис и други предмети.  

Полициски службеници од Полициската станица Центар утрово  во 2.15 часот во угостителски објект на подрачјето на Центар во Скопје го привеле Т.П.(63) од Скопје затоа што агресивно се однесувал кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Полициски службеници од СВР Куманово вчера во 19.45 часот го лишиле од слобода Г.Т.(59) од село Горно Којнаре, кумановско, затоа што, поради нерасчистени должничко - доверителски односи, со остар предмет го нападнал Г.Д. од Куманово. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

Во СВР Скопје, утринава во 2.50 часот, 29 - годишник од Скопје пријавил дека вчера околу 19.30 часот, по претходна расправија, во семејниот дом на подрачјето на Бит Пазар во Скопје бил физички нападнат од неговиот брат А.К.(33) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Д.Х.(65) утрово во 1.50 часот во СВР Скопје пријавил дека во угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од Г.К.(38), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Во СВР Скопје, вчера во 20.40 часот, било пријавено дека на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу В.Р.(40) и Е.Р.(29) од една страна и Ѓ.Р.(27) и И.Р.(22) од друга страна, сите од село Баница, струмичко, при што биле употребени и тврди предмети. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

М.Н.(36) од Скопје денеска во 10.30 часот во Полициската станица Карпош пријавил дека на 30.08.2024 околу 20.00 часот во парк во село Бардовци, неговиот малолетен син бил физички нападнат од Д.А. од село Бардовци. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Е.Д.(49) од Штип вчера во 18.20 часот во СВР Штип пријавил дека околу 18.00 часот во Штип, А.К. со закана му барал пари, а откако се собрале случајни минувачи А.К. заминал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во СВР Скопје, вчера во 8.23 часот, било пријавено дека на Водно настанал пожар во Планинарскиот дом „Даре Џамбаз“. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Извршен бил увид.

Во СВР Скопје, вчера во 22.20 часот, било пријавено дека во село Чучер Сандево настанал пожар во две стари напуштени куќи. Повредени лица нема, а од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат. Извршен бил увид.  

Т.В.(44) од село Ратавица, пробиштипско, вчера во 23.05 часот во Полициската станица Пробиштип, пријавила дека од домот се оддалечила нејзината ќерка Е.В.(17). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.  

На магистралниот пат Граничен премин Делчево - Бугарија, над село Звегор, делчевско, вчера околу 12.50 часот полициски службеници пронашле две лица мигранти од Сирија и Мароко. Со нив бил извршен службен разговор, по што биле пренесени во прифатно – транзитен центар во Гевгелија за понатамошна постапка.

Во Полициската станица Велешта вчера во 13.35 часот било пријавено дека настанал пожар во три авто плацеви во село Велешта, струшко. Полициски службеници излегле на местото и било констатирано дека во авто плац сопственост на А.Х.(59) од село Велешта биле опожарени осум патнички возила во возна состојба и 20 неисправни возила, во плац сопственост на П.Х.(39) од село Велешта биле опожарени околу 80 исправни и неисправни возила, додека во авто плац сопственост на А.Р.(51) од село Велешта биле опожарени пет возила во возна состојба и еден четирицикл. Пожарот бил изгаснат од екипи на Територијалните противпожарни единици од Струга и Охрид, а повредени лица нема. Увид бил извршен.

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднесена кривична пријава против С.Н.(41) од Крива Паланка порaди постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“ при семејно насилство. На 17.08.2024 во семејната куќа во Крива Паланка, по претходна расправија, пријавениот физички ја нападнал неговата 34-годишна сопруга и нивните малолетни деца, при што на сопругата ѝ нанел тешки телесни повреди.

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Р.Х.(27) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување на општа опасност“. На 26.08.2024 во индустриската зона „Иванидол“ во близина на Кичево, пријавениот запалил електричен кабел, по што избувнал пожар кој набрзо се проширил на површина од околу 10.000 квадратни метри.вј/

Фото: МИА архива

Остани поврзан