• среда, 27 ноември 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 12 јануари 2023 (МИА) – На подрачјето на СВР Штип полициски службеници вчера спроведоа акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 28 прекршоци, од кои 16 во населено место и 12 надвор од населено место.

На сите возачи, информираа од МВР, им биле изречени соодветни санкции. Санкционирани биле и 11 други видови на прекршоци, од кои 5 за управување возило без возачка дозвола, 2 за нерегистрирано возило, 1 за возач почетник, 1 за некористење сигурносен појас и  2 за непрописно паркирање.

На 11.01.2023 во 15.00 часот од полициски службеници од СВР Скопје е лишен од слобода М.Ј.(41) од Скопје, поради сомнение дека околу 14.20 часот во стан на ул.„Рузвелтова“ во Скопје со остар предмет им нанел повреди на неговата мајка В.Ј.(69) и неговата баба Д.И.(92), двете од Скопје, кои им подлегнале на повредите. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а увид извршила екипа од СВР Скопје. По наредба на Јавен обвинител, телата на починатите се предадени за обдукција. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 12.01.2023 во СВР Битола е пријавено дека во коритото на реката Драгор во Битола, во близина на дрвеното мовче, паднало машко лице. Интервенирале полициски службеници и припадници на Територијалната противпожарна единица Битола, при што И.Ј.(31) од Битола, кој претходно паднал во реката, бил извлечен и пренесен во Клиничка болница Битола, каде му биле констатирани телесни повреди.

На 11.01.2023 во 14.30 часот во Полициската станица во Кавадарци, 43-годишен жител од Кавадарци пријавил дека бил измамен од М.К.(42) од Кавадарци за сума од 72.000 денари. Според пријавеното, М.К. му побарал податоци од неговата лична карта и трансакциска сметка, со цел некој негов пријател да му пушти пари, затоа што наводно имал блокирана сметка. Како што е пријавено, откако парите биле уплатени на сметката, оштетениот ги извадил и му ги дал на М.К., по што на 09.11.2023 бил известен дека има за плаќање рата за брз кредит на негово име, по што сфатил дека е измамен. Се работи на расчистување на случајот.

Регионалниот центар за гранични работи Исток поднесе кривична пријава против С.Б. (46) од Берово, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „кражба“. На 12.11.2022 на место викано ,,Амбарето”, во атар на Берово, пријавениот извршил сеча на дрва, на парцела сопственост на Република Северна Македонија, со што предизвикал материјална штета во вредност од 831.000 денари.

На 11.01.2023 во Полициска станица Кичево, Р.У.(20) од с.Пласница – Македонски Брод пријавил дека на ул.„Тане Цалески“, бил каснат од куче скитник, Н.Т.(38) од с.Црвевци, кичевско, пријавил дека на ул.„Исеин Акиоски“ неговата малолетна ќерка била касната од куче скитник, Л.Г.(64) од Кичево пријавил дека на магистралниот пат А2 Кичево-Гостивар бил каснат од куче скитник, а каснување од куче скитник пријавил и Ф.С.(28) од Кичево, и тоа на ул.„Булевар Ослободување“.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Ј.Х.(46) од село Добридол, општина Врапчиште, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „пустошење на шума“. Во текот на ноември 2022 година, во село Добридол, пријавениот извршил бесправно сечење на огревни дрва, сопственост на Јавно претпријатие ,,Национални шуми“, Подрачно шумско стопанство ,,ШАР“ Гостивар, со што предизвикал материјална штета.

На 11.01.2023 околу 22.09 часот на подрачје на Чаир од полициски службеници од СВР Скопје е лишен од слобода Г.К. од Скопје, затоа што физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија, односно постапувал по пријава дека Г.К. физички ја нападнал својата сопруга. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 11.01.2023 во 17.30 часот на подрачјето на Центар од полициски службеници од СВР Скопје приведени се М.К.(33), Ј.К.(19), А.К.(42) и А.Т.(36), сите од Р.Турција, по пријава од Ќ.Ј.(44) и Ј.Ј.(22), двајцата од с.Чифлик, скопско, според која околу 11.00 часот пред објект во градба на подрачјето на Центар, додека извршувале градежни работи, по претходно недоразбирање, биле физички нападнати со тврди предмети од пријавените кои, исто така, извршувале градежни работи на објектот. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 11.01.2023 во 12.30 часот во Полициска станица Центар е пријавено дека во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ е донесена повредена В.Ѓ.(35) од Скопје, која, според пријавеното, околу 11.55 часот, додека извршувала работни задачи во објект на ул.„Никола Вапцаров“, се здобила со тешки телесни повреди. Полициски службеници излегле на местото на настанот, а известен е и трудов инспектор.

На 11.01.2023 во периодот од 11.00 до 15.00 часот на поширокото тетовско подрачје спроведена е засилена акциска контрола на возачите и нивните обврски кон пешаците. При контролата откриени и санкционирани биле 6 возачи кои не ги пропуштиле пешаците на обележани пешачки премини. Откриени и санкционирани биле и 16 други видови сообраќајни прекршоци. Исто така, во периодот од 06.00 до 10.00 часот на гостиварското подрачје биле откриени и санкционирани 3 возачи кои непрописно престигнувале.

На 12.01.2023 од полициски службеници приведена е А.К.(55) од Скопје, поради основано сомнение дека на 11.01.2023 од мобилен телефон се јавила телефонски во Управата за финансиско разузнавање во Скопје и лажно пријавила дека се поставени експлозивни направи во училишта во Скопје. Веднаш по добиената пријава преземени се соодветни мерки и активности и утврдено е дека пријавата е лажна, а А.К. (лице со здравствени проблеми) е пронајдена и приведена. Известен е Јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 12.01.2023 во 00.10 часот во Полициската станица Аеродром, В.Б.(49) од Скопје пријавила дека од домот се оддалечил нејзиниот сопруг Р.Б.(47). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 11.01.2023 Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга до ОЈО Струга поднесе кривична пријава против Љ.Џ. (49) од Охрид и против правно лице од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторенo кривично дело „бесправно градење“ по чл.244-а од Кривичниот законик. Првопријавениот, во својство на управител и инвеститор во второпријавеното правно лице, во Струга, на локација во Враништа, во текот на 2022 година без одобрение за градење и спротивно на Законот за градење, изградил објект за депонија. Од извршениот инспекциски надзор донесено е решение со кое на  инвеститорот му се наложува да го отстрани објектот.

На 11.01.2023 Одделението за криминалистичка полиција при СВР Охрид до ОЈО Охрид поднесе кривична пријава против С.М.(28) од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторенo кривично дело „вршење јавен превоз без лиценца“ по чл.284-а ст.1 од Кривичниот законик. Имено, на 19.12.2022 на бул.„Туристичка“ пријавениот е затекнат со патничко возило „голф“, со битолски регистарски ознаки, негова сопственост, како врши јавен превоз на патници, а при тоа не поседувал соодветна лиценца за вршење превоз.

На 11.01.2023 во 11.00 часот Ј.А.(23) од Скопје пријавила дека на 08.01.2023 околу 01.30 часот во угостителски објект на подрачјето на Драчево била физички нападната од П.Б. од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Полициски службеници од СВР Тетово – Одделение за внатрешни работи Гостивар на 11.01.2023 околу 13.10 часот ги привеле С.А.(48) и Б.К.(54) од Република Турција, поради сомнение дека го злоупотребиле туристичкиот престој. Двајцата се задржани за натамошна постапка.

На 11.01.2023 во 13.00 часот Љ.Џ.(69) од Скопје пријавил дека околу 11.05 часот во банка на подрачјето на Центар бил физички нападнат од едно лице. Се работи на расчистување на случајот.

На 11.01.2023 во 15.00 часот во Полициската станица Центар, Ј.Н.(60) од Скопје пријавил дека на ул.„Пролет“ бил каснат од куче скитник. цр/

Остани поврзан