• среда, 18 декември 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) - Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против Н.Ј.(30) од с.Чешиново поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 20.05.2023, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.И.(19) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 17.02.2024,   полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

СВР Битола поднесе кривична пријава против Б.И.(32) од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“.

На 24.10.2023 полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што бил пронајден и одземен пиштол „црвена застава“ модел М-57, калибар 7,62 мм и девет куршуми, кои ги набавил од лице од Скопје.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе, поднесе кривична пријава против Љ.Н.(42) од Свети Николе, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „запуштање и малтретирање дете“.  

Пријавената, во периодот од 2020 до 24.10.2024, ја наведувала нејзината малолетна ќерка на проституција, за што добивала паричен надомест.  

СВР Битола поднесе кривична пријава против Г.Д.(41) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување на сигурноста“ и „одземање или уништување службен печат или спис“.

На 26.08.2024 во просторите на ОВР Прилеп, пријавената се обидела насилно да ја одземе патната исправа и агресивно се однесувала кон вработената, при што ѝ нанела телесни повреди.

СВР Битола поднесе кривична пријава против Н.А.(41) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување службено лице при вршење работи од безбедноста“.

На 04.02.2024, полициски службеници го затекнале пријавениот како со запрежно возило превезува бесправно исечени борови дрва, при што тој им се заканувал со моторна пила.  

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против акционерско друштво - фудбалски клуб Гостивар и против Е.У. од Република Турција, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено снимање“.

На 26.05.2024 на виде снимки од безбедносни камери поставени на градскиот стадион во Гостивар, бил сниман Ф.Р. со намера неовластено да бидат објавени на официјалната интернет страна на клубот. Притоа, под фотографиите, второпријавениот напишал недолични содржини кои ја нарушуваат  честа и угледот на Ф.Р..

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.К.(47) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“.

Пријавениот без одобрение за градење издадено од надлежен орган, изградил објект на терен од пристапна улица.

ОВР Неготино поднесе кривична пријава против Ф.В.(44) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без поседување лиценца“.

На 23.10.2024 во Демир Капија, полициски службеници извршиле контрола на товарно возило „даф“ со приколка, сопственост на правно лице, управувано од пријавениот, при што било утврдено дека врши јавен превоз без лиценца.  

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против С.Т. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в став 1 од Кривичниот законик.

Пријавената С.Т. – на работното место помошник на министерот во Центарот за обука на МВР, во периодот од септември до октомври 2023 година, постапила несовесно во вршење на своите должности и овластувања, на тој начин што на лица со кои министерството имало склучено договор за основна обука за полицаец (генерација 2023/2024) им овозможила да продолжат со основната обука и покрај тоа што им бил откажан договорот за основна обука поради тоа што не ги освоиле потребните бодови за продолжување на обуката во друг модул.

Пријавената самоволно и незаконски им овозможила да ја продолжат обуката на начин што им биле прифатени поднесените приговори, им било извршено ретестирање спротивно на подзаконските прописи што ја регулираат предметната материја, и им овозможила да засноваат работен однос во министерството и покрај тоа што во договорот била предвидена одредба согласно која во случај на спор постапувањето е во надлежност на судот. Со тоа што им овозможила на кандидатите за полицаец понатамошно право на обука, престој и исхрана во Центарот за обука во МВР, таа го оштетила буџетот на МВР во вкупен износ од 189.777 денари.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди изрече задолжителни мерки да се преиспита основаноста на склучените договори за работа.

На 13.11.2024 во 12.50 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода А.А.(20) од село Марена, Кавадаречко. Тој се сомничи дека заедно со уште две лица се обиделе да извршат кражба од плац за градежен материјал во село Марена, сопственост на правно лице.

Во полициска станица денеска бил извршен раговор и со другите две лица, 17-годишен малолетник во присуство на адвокат и старател, и А.А.(18), двајцата од село Марена. Известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 13.11.2024 во 13.50 часот, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при ОВР Струга го лишиле од слобода К.К.(26) од струшкото село Враништа.

При преглед во возило „опел“, во кое се превезувал, кај него биле пронајдени и одземени марихуана и бела прашкаста материја. По целосно документирање на настанот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 13.11.2024 во 09.25 часот на Граничниот премин Табановце, на излез од државата, полициски службеници го привеле Ф.Т. (53) од Трново, со живеалиште во Република Австрија, затоа што при извршена пасошка контрола било констатирано дека приложил фалсификувана австриска возачка дозвола.

Со него бил извршен службен разговор, по што бил предаден на полициски службеници од Одделението за прекуграничен криминал и миграции Куманово за понатамошна постапка. За настанот бил запознаен јавен обвинител.

На 13.11.2024 на Граничен премин Св.Наум, на влез во државата, полициски службеници го привеле Г.И.(59) од Република Албанија, затоа што при извршена пасошка контрола и проверка во оперативната евиденција било констатирано дека патничкото возило „мерцедес“ со албански национални ознаки, било предмет на потрага на Интерпол – Германија.

Возилото било одземено и предадено на испектори од Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија и за настанот бил известен јавен обвинител.

Денеска (14.11.2024) во 09.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека во дворно место во населба Керамидница во Скопје била фрлена експлозивна направа.

Од експлозијата со повреди се здобил Р.Т., кој бил пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ за укажување на помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 10.11.2024 околу 09.00 часот кај место викано Стојанова река, на државен имот во атар на с. Брест, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Танушевци при Регионалниот центар за гранични работи Север пронашле околу 70 кубни метри бесправно исечени букови дрва.

За настанот била известена Шумска полиција, а на 13.11.2024 претставници на ЈП „Национални шуми“ - Караџица ги подигнале дрвата за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 13.11.2024 во 22.00 часот во СВР Скопје, Б.О.(18) од с.Никиштани, Скопско, пријавил дека околу 18.20 часот во автобус на ЈСП на подрачјето на Карпош, бил физички нападнат од неколку малолетници, а еден од нив му нанел повреди со остар предмет.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава.

Денеска (14.11.2024) околу 04.00 часот во СВР Скопје е пријавено дека во с.Морани, во викенд населбата, гори куќа, сопственост на Р.Н.(66).

На лице место се упатени полициски службеници и екипа на Бригадата за противпожарна заштита. Во куќата се пронајдени две тела, а по наредба на јавен обвинител, телата се предадени за обдукција. Во 09.30 часот пожарот бил изгаснат.

На 13.11.2024 во 16.30 часот во СВР Скопје, 76-годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 479.540 денари.

Според пријавеното, во периодот од февруари до 12.11.2024 на социјална мрежа комуницирала со лицето кое побарало од неа да купи мобилни телефони и испрати пари за хуманитарни цели, по што парите ќе и бидат вратени.

Како што е пријавено, таа во шест наврати купила шест мобилни телефони и преку брза пошта ги испратила на две лица од Гана и пуштила пари преку брз трансфер на пари на лице во Италија, но парите не и биле вратени. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 13.11.2024 во 20.00 часот во СВР Скопје, Д.И.(50) од Скопје пријавил дека околу 17.10 часот во близина на основно училиште на подрачјето на општина Аеродром, неговиот малолетен син бил физички нападнат од неколку малолетници - ученици во истото училиште каде учел и неговиот син.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 13.11.2024 во 17.05 часот во СВР Скопје, Н.Н.(52) од Скопје пријавил дека околу 17.00 часот пред влез на средно училиште на подрачјето на општина Аеродром, неговиот малолетен син бил физички нападнат од неколку малолетници.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 13.11.2024 во 11.35 часот во СВР Скопје, А.А. пријавил дека А.Л. со уште едно лице со патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки застанале пред неговиот дом во с.Арачиново, при што држеле огнено оружје.

Според пријавеното, тие се задржале краток период, по што заминале. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 13.11.2024 во 13.15 часот во СВР Скопје, М.С.(20) од Скопје пријавил дека околу 11.50 часот во двор од здравствена установа на подрачјето на Центар бил физички нападнат од Д.Е..

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 13.11.2024 во 19.30 часот во СВР Скопје, 44-годишник од Скопје пријавил дека во домот на неговата поранешна сопруга, нејзиниот пријател М.И. ја допирал по телото нивната малолетна ќерка.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска (14.11.2024) во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Шуто Оризари, Ш.М.(20) од Скопје бил повреден од огнено оружје, а како можен сторител бил посочен Х.И.(47) од Скопје.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска (14.11.2024) во 02.00 часот во СВР Скопје, Б.Ш.(41) од Скопје пријавила дека на 13.11.2024 околу 23.30 часот на подрачјето на Ѓорче Петров нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од Р.К., кој употребил и тврд предмет.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 13.11.2024 во 13.50 часот во СВР Скопје, Д.Д.(21) од село Шутово, Кичевско, пријавила дека околу 13.00 часот на подрачјето на Центар, едно лице со употреба на физичка сила ѝ одзело личен накит.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 13.11.2024 во 23.55 часот во СВР Скопје, 31-годишна жена од Скопје пријавила дека во семејниот дом на подрачјето на општина Аеродром била физички нападната од нејзиниот 40-годишен сопруг.

Исто така, денеска (14.11.2024) околу 00.55 часот, тој пријавил дека на 13.11.2024 околу 18.00 часот бил физички нападнат од неговата 31-годишна сопруга. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 13.11.2024 во 23.20 часот во Штип, полициски службеници од СВР Штип ги лишиле од слобода Ч.Т.(50), Ј.Б.Т.(26) и  Ј.Џ.Т.(23), сите од Република Турција, со живеалиште во с.Стар Караорман, Штипско.

Тие се сомничат дека претходно со уште неколку лица со употреба на сила го внеле Е.Е.(19) од Република Турција, со живеалиште во Штип, во возило „форд“ и со закани барале пари од него и неговата 19-годишна девојка, исто така од Република Турција со живеалиште во Штип, поради наводен долг за претходно завршена услуга.

Од нив било одземено возилото, како и други предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со делото. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

На 13.11.2024 во 13.15 часот во СВР Скопје, Х.Д.(48) од с.Кадино, Скопско, пријавила дека во 13.00 часот во семејната куќа била физички нападната од А.А.(27) од Скопје.

По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 13.11.2024 во 08.20 часот во ОВР Берово било пријавено дека била пронајдена малолетничката У.Ф.(16), за која од Мал групен дом - Берово беше пријавено дека на 04.10.2024 се оддалечила од установата.

На 13.11.2024 во 19.30 часот во Полициската станица Гази Баба, Б.Б.(41) од с.Јурумлери, Скопско, пријавил дека од домот се оддалечила неговата малолетна ќерка С.Б.(16) и, според пријавеното, најверојатно се наоѓа кај нејзиното момче во населба Драчево.

Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 13.11.2024 во 11.30 часот во ОВР Кавадарци, Т.Н.(66) од Кавадарци пријавил дека на улица „Максим Горки“ во Кавадарци бил каснат од куче скитник. хс/

Фото: МИА архива 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан