МВР Билтен (ДПЛ)
- Во угостителски објект во Кавадарци полициски службеници од ОВР Кавадарци синоќа во 20.15 часот ги привеле 24-годишната С.Ш., од Демир Капија, Р.А.(42) од Кавадарци и А.П.(36) од село Ваташа, кавадаречко.
Скопје, 8 декември 2024 (МИА) - Во угостителски објект во Кавадарци полициски службеници од ОВР Кавадарци синоќа во 20.15 часот ги привеле 24-годишната С.Ш., од Демир Капија, Р.А.(42) од Кавадарци и А.П.(36) од село Ваташа, кавадаречко. При преглед кај С.Ш. биле пронајдени бела прашкаста материја и зелена растителна материја, а кај Р.А. бил пронајден нож. Предметите биле одземени и по целосно документирање на настанот ќе бидат поднесени соодветни пријави.
На 07.12.2024 во 21.52 часот полициски службеници од СВР Куманово ги лишиле од слобода К.К.(18) и М.Д. (19) од Куманово, затоа што во парк „Соколана" во Куманово учествувале во нарушување на јавен ред и мир со физичка пресметка помеѓу нив и неколку малолетници. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни пријави.
На 07.12.2024 околу 19 часот, во ОВР Струга лишен од слобода е Т.И.(61) од струшкото село Драслајца, кој претходно со рачна работна машина го нападнал В.К.(62) од истото село. По целосно документирање на настанот, против напаѓачот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 07.12.2024 во 05.30 часот, во полициското одделение во струшкото село Велешта, пријавено е дека во угостителски објект сопственост на Р.Н.(47) од истото село, настанал пожар. Повредени лица нема. Интервенирала Територијалната противпожарна единица од Струга, а увид на местото извршија полициски екипи.
На 07.12.2024 во Струмица полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода Ш.М.(36) од Струмица. Тој бил осуден на казна затвор од десет години за сторени кривични дела „тешка кражба“, а бил баран по потерница врз основа на наредба на Казнено поправна установа – Затвор Штип за доиздржување на шест години, седум месеци и 19 дена од казната. Лицето било спроведено во установата за доиздржување на казната.
Денеска (08.12.2024) во 09.50 часот во СВР Скопје, Д.П.(38) од Скопје пријавила дека на 07.12.2024 околу 21.30 часот на подрачјето на општина Аеродром, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од неколку лица, од кои едниот го познавал, а потоа му бил одземен мобилниот телефон. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Денеска (08.12.2024) во 04.45 часот во СВР Скопје Н.Т.(46) од Скопје пријавил дека околу 02.45 часот во угостителски објект во Градскиот парк во Скопје бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Денеска (08.12.2024) во 00.50 часот во СВР Скопје А.С.(19) од с.Мирковци,скопско, пријавил дека околу 00.05 часот на подрачјето на Чаир бил физички нападнат од И.„Н“ и уште четири други лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 07.12.2024 во 13.05 часот во Скопје на подрачјето на Чаир, полициски службеници од СВР Скопје го привеле Р.Б.(46) од Скопје, затоа што агресивно се однесувал кон полициски службеници кои вршеле службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 07.12.2024 во 15.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Кисела Вода, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу А.И.(45) и М.А.(29), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.
Денеска (08.12.2024) во 11.10 часот во Полициската станица Кисела Вода бил извршен службен разговор со Ж.П.(64) од Скопје по претходна пријава дека на 07.12.2024 околу 09.00 часот во семејниот дом во скопско село физички ја нападнал неговата 62- годишна сопруга. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 07.12.2024 во 13.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Шуто Оризари по претходна вербална расправија бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Д.Г.(45) и Ф.М.(50), двајцата од Скопје, а биле употребени и тврди предмети. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 07.12.2024 во 17.55 часот во СВР Скопје И.И.(32) од с. Арачиново, скопско, пријавил дека на подрачјето на Бит Пазар, додека се движел со патничко возило, бил сопрен од две лица кои се обиделе да го извлечат надвор од возилото и да го нападнат. Тогаш пријавителот извадил сигнален пиштол и испукал два пати во воздух, по што лицата го напуштиле местото на настанот. Нема повредени лица. Известен бил jавен обвинител. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Денеска (08.12.2024) во 04.15 часот во СВР Скопје, било пријавено дека на подрачјето на општина Аеродром настанал пожар во патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Љ.С.(26) од Скопје. Од Бригадата за противпожарна единица пожарот бил изгаснат. Повредени лица нема. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје и се работи на расчистување на случајот.
Надворешна канцеларија за криминалистички работи Ресен поднесе кривична пријава против К.Р.(42) и А.Р.(40) од Ресен поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 14.11.2023, полициски службеници извршиле претрес во домот и помошните простории кои ги користат пријавените, при што биле пронајдени и одземени пиштол „Бровинг“, гасен револвер „Екол“ и друго оружје и муниција.
На 08.12.2024 во 04.00 часот полициски службеници од СВР Битола во старата битолска чаршија во ноќен клуб во врска со член 396 од КЗ ги лишиле од слобода Ф.Н.(25), Д.Ќ.(25) и И.Г.(25), сите од Битола. При преглед кај нив бил пронајден пиштол. Лицата се приведени во полициска станица Битола и по документирање на настанот ќе следува соодветна пријава.
На 07.12.2024 во 13.45 часот полициски службеници од СВР Битола, на ул.„Филип Втори Македонски" го лишиле од слобода Д.Б.(46) од Битола, бидејќи кај него биле пронајдени пиротехнички средства. По документирање на настанот ќе следува соодветна пријава.
фото: МИА архива