Кирил Китевски и Кристијан Лазароски од Ресен национални победници на Европски квиз на пари 2023
- Победничкиот тим кој ќе ја претставува нашата земја на европското финале на 16 мај во Брисел, Белгија се Кирил Китевски и Кристијан Лазароски од ООУ “Мите Богоевски” – Ресен под менторство на Соња Стрезовска.
Скопје, 24 март 2023 (МИА) - Денеска на последниот ден на Глобалната недела на пари, во организација на Македонската банкарска асоцијација (МБА) во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност, се одржа финалето на националниот натпревар Европски квиз на пари 2023. Победничкиот тим кој ќе ја претставува нашата земја на европското финале на 16 мај во Брисел се Кирил Китевски и Кристијан Лазароски од ООУ “Мите Богоевски” од Ресен под менторство на Соња Стрезовска.
Како што информираат од Македонската банкарска асоцијација, во првиот круг беа избрани најдобрите три тима во земјата од вкупно пријавените 391 тим од 76 основни и средни училишта, менторирани од 101 наставник/професор. На македонски јазик се натпреваруваа 379 тимови, а 16 се натпреваруваа на албански јазик.
Второто место го освоија Благоја Трајчески и Теодора Трпоска од СОЕУ “Јане Сандански” од Битола под менторство на Билјана Кочовска , додека третопласирани беа Никола Павловски и Дарија Јакимовска од ОУ “Гоце Делчев” од населба Илинден, под менторство на Данче Нацевска.
Од МБА истакнуваат дека земјава по петти пат учествува на овој проект на Европската банкарска федерација, наменет за финансиска писменост на ученици од 13 до 15 години. сст/сп/
фото МБА