• недела, 24 ноември 2024

Маџиров: „Рокчето“ е приказна за сите светови и времиња собрани во едно место – во рогот на изобилството

Маџиров: „Рокчето“ е приказна за сите светови и времиња собрани во едно место – во рогот на изобилството

Скопје, 1 феврари 2024 (МИА) - Во книжарницата „Литература.мк суперстор“ во „Дајмонд мол“ во Скопје синоќа се одржа промоција на „Рокчето“ - прва книга за деца на поетот Никола Маџиров. Се работи за авторска бајка според истоимената приказна од струмичкиот крај собрана од фолклористот Иван Котев.

Како што објасни на промоцијата Маџиров, Рогот како симбол знае да ни го донесе животот кога се пие од него, знае да биде како симбол на смртта како футрола за барут, но во овој случај рогот е симбол на новиот почеток.

Тој додаде дека „Рокчето“ е пишувана врз основа на традиционална приказна од струмичкиот крај што зборува за сите светови и времиња собрани на едно место – во рогот на еден вол, рогот на изобилството.

Уредничката на книгата, Оливера Ќорвезироска на промоцијата рече дека Маџиров напишал авторска бајка во која тој еднакво е и поет и раскажувач.

– Формата „приказна во приказна“ или „кутија во кутија“, како што ја дефинирал Марио Варгас Љоса, во текстот на Маџиров е изведена многу лирски. Во наше, сегашно време, дедото му ја раскажува приказната за рокчето на својот внук, а читателите ја слушаат/ја читаат приказната, заедно и истовремено со детето-главен лик. Ваквото раскажување на две нивоа: во сегашноста како рамка на минатото, во современоста како рамка за традицијата, е видливо и во илустрациите на Анета Илиевска, кои исто така се на две нивоа: еден е ликовниот израз на страниците каде што дедото и внукот се сами во наше време (модерен), а друг во приказната што дедото му ја раскажува на внукот (фолклорен), додаде Ќорвезироска.

Илустраторката Анета Илиевска истакна дека иако со Никола Маџиров претходно не се познавале лично, соработката се одвивала со многу креативни надополнувања.

– Со првите илустрации се случи еден клик и почнаа преплетувања на творечко ниво, па почнавме да се надополнуваат заемно – раскажа Илиевска.

Сликовницата е во издание на „Либи“ дел од „Арс Ламина“ и достапна во поголемите книжарници и онлајн преку „www.literatura.mk“.бт/са/

Фото: „Арс Ламина“ 

Остани поврзан