• четврток, 26 декември 2024

Мајк Пенс седум часа сведочеше пред големата порота за Доналд Трамп и немирите на 6 јануари

Мајк Пенс седум часа сведочеше пред големата порота за Доналд Трамп и немирите на 6 јануари

Вашингтон, 28 април 2023 (МИА) - Поранешниот потпретседател на Соединетите Американски Држави Мајк Пенс сведочеше пред федералната голема порота како дел од истрагата за тоа дали поранешниот претседател Доналд Трамп се обидел да го смени резултатот од неговиот пораз на изборите во ноември 2020 година од Џо Бајден, но и дали имал удел во поттикнувањето насилство во Капитол на 6 јануари кога беа убиени пет лица.

Според Гардијан, сведочењето на поранешниот потпретседател траело околу седум часа и се одвивало зад затворени врати, што значи дека не се познати деталите за она што тој им го кажа на обвинителите кои слушаа докази.

Пенс мораше да зборува под заклетва за неговите разговори со Трамп пред 6 јануари 2021 година.

Претходно, тимот на Трамп побара од федералниот суд да го блокира Пенс да сведочи пред големата порота за одредени прашања, повикувајќи се на извршната привилегија, а сето тоа како дел од истрагата за немирите во Капитол.

Извршна привилегија е правото на претседателот на САД да ги чува во тајност чувствителните комуникации и другите претседателски документи.

Тимот на Трамп му посочи на специјалниот советник Џек Смит, кој ги надгледува кривичните истраги на Министерството за правда против Трамп, дека сака да ја искористи извршната привилегија во случајот со сведочењето на Пенс. ссм/

фото: МИА архива

Остани поврзан