• среда, 25 декември 2024

Мајкл Корлеоне вонсудски се спогоди со „Нетфликс“ и Софија Вергара

Мајкл Корлеоне вонсудски се спогоди со „Нетфликс“ и Софија Вергара

Мајами, 13 февруари 2024 (МИА) - Мајкл Корлеоне Бланко, единствениот преживеан син на колумбискaтa „наркокралица“ Гризелда Бланко, минатиот месец ги тужеше стрим-платформата „Нетфликс“ и глумицата Софија Вергара за тоа како животот на неговата мајка е прикажан во ТВ-серијата „Гризелда“. Тужбата е вонсудски решена, со договор меѓу двете страни.

Имено, според правните документи, адвокатот на семејството ја повлекол тужбата и истото барање не може да се врати на Суд. Подробностите на нагодбата сѐ уште не се познати.

Мајкл Корлеоне Бланко и неговата сопруга Мари поднесоа тужба на 17 јануари во Окружниот суд во Мајами, Флорида, САД, тврдејќи дека семејството не го овластило „Нетфликс“ да ги користи нивните „лик, сличности и/или идентитет“ и побарале спречување на емитувањето на минисеријата од шест дела. Тужителот, вели, разговарал за можноста да напише книга и серија за животописот на неговата мајка со продуцентите од 2009 до 2022 година, како и да понуди други материјали. Но, како што нагласува, дури подоцна - „преку печатот“ осознал за ограничувањата на серијата, па потоа тврдеше дека „Нетфликс“ ја користел неговата приказна и друг материјал без потребните заслуги кон него или надомест за тоа.

Вергара, која го глуми насловниот лик и е извршна продуцентка на серијата, беше една од седумтемина обвинети. Таа, како и Гризелда, пораснала во Колумбија. Нејзиниот брат бил меѓу 250.000 луѓе убиени за време на повеќедецениската војна на дрогата во Колумбија.

- Мојот брат беше дел од тој „бизнис“. Знам што може таквата работа да му направи на едно семејство, на човек, на земјата, изјави Вергара.

„Црната вдовица“ се вклучила во нелегалната трговија со дрога во Мајами како начин да ги издржува своите деца... Се искачила до „врвот“ на тој организиран криминал и наводно е одговорна за убиството на тројцата поранешни сопрузи и стотици други луѓе како „наркокралица“. Мајкл Корлеоне (именуван по нејзиниот омилен лик од „Кум“) е единствениот преживеан од нејзините четири сина. Бланко беше убиена во Меделин, Колумбија, на 3 септември 2012 година. Се верува дека таа била единствената личност од која се плашел неславниот Пабло Ескобар. си/рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан