• среда, 25 декември 2024

Маја Санду и официјално најави дека ќе бара реизбор на претстојните претседателски избори во Молдавија

Маја Санду и официјално најави дека ќе бара реизбор на претстојните претседателски избори во Молдавија

Кишињев, 22 август 2024 (МИА) - Актуелната претседателка на Молдавија, Маја Санду, денеска официјално објави дека ќе се кандидира на следните претседателски избори.

Санду денеска изјави дека поддршката на партијата „Акција и солидарност“ (ПАС) и претставува  голема чест и дека годинава ќе биде донесена „најважната одлука за државата од прогласувањето на независноста“.

-На референдумот ќе го одредиме нашиот надворешен курс. Сигурна сум дека нашиот народ ќе избере мир и слобода, а во 2024 година ќе избереме и претседател. Мојата програма е јасна: најдобри услови за живот и меѓусебно разбирање. Ние сме Молдавија , а земјата ќе се движи таму каде што ние ја насочуваме, рече Санду, пренесе молдавскиот портал Newsmaker.

Таа ќе биде кандидатка на партијата „Акција и солидарност“ (ПАС), која денеска најави создавање на иницијална група за поддршка на претседателската кандидатка, која сега треба да ја регистрира Централната изборна комисија (ЦИК). После тоа ќе биде потребно да се соберат најмалку 15.000, а не повеќе од 25.000 потписи во најмалку половина од административно-територијалните единици. Дури потоа ЦИК ќе може и официјално да ја регистрира Санда како кандидатка за претседателските избори.

Во Молдавија на 1 август почна предизборниот период пред претседателските избори и референдумот за европските интеграции закажани за 20 октомври. Изборната кампања ќе започне на 20 септември.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан