• среда, 25 декември 2024

Мачадо: Останувам во Венецуела, ништо не се менува со заминувањето на Гонзалес во егзил

Мачадо: Останувам во Венецуела, ништо не се менува со заминувањето на Гонзалес во егзил

Каракас, 10 септември 2024 (МИА) - Лидерката на венецуелската опозиција, Марија Корина Мачадо, им порача на своите поддржувачи дека останува во земјата за да ја „следи борбата“ против владеењето на претседателот Николас Мадуро, откако нејзиниот сојузник и претседателски кандидат на изборите во јули, Едмундо Гонзалес Урутија,  замина во егзил во Шпанија.

-Одлучив да останам во Венецуела и да ја поддржувам борбата од тука, додека тој (Гонзалес Урутија) ја води однадвор, рече Мачадо преку видео порака.

Мачадо уште од 28 јули се крие од властите на Мадуро, кога беа објавени спорните резултати од претседателските избори, кои не ги признава венецуелската опозиција, САД, земјите од Европската унија и некои земји од Латинска Америка.

Врз основа на своите записи од избирачките места опозицијата тврди дека поранешниот амбасадор Гонзалес Урутија (75) убедливо победил на изборите, додека изборната комисија и Уставниот суд, институции лојални на владата на Мадуро, го прогласија Мадуро за претседател, иако властите никогаш не ги објави деталните резултати од гласањето по изборни единици.

Мачадо изјави дека не знае дали заминувањето на Гонзалес Урутија во Шпанија „може да го зголеми ризикот за неа“.

-Сите знаеме дека Едмундо Гонзалес Урутија е избран претседател на Венецуела. И тој ќе остане таков, без разлика дали е во Венецуела или на некое друго место во светот, рече таа во пораката, додавајќи дека фактот што Гонзалес Урутија веќе не е во земјата „апсолутно ништо не менува: легитимитетот е задржан, стратегијата е иста“.

Многу Венецуелци изразуваат очај на социјалните мрежи по неговото заминување во Шпанија минатата недела.

Во писмото објавено на интернет, Гонзалес Урутија тврди дека заминал за да дозволи „работите да се променат и да изгради нова сцена за Венецуела“.

-Оваа одлука е гест што подава рака кон сите (...) Само политика на дијалог може да ни овозможи да се сретнеме како сонародници, напиша тој.

Пред да замине за Шпанија, Гонзалес Урутија игнорираше три покани од обвинителството, сметајќи дека неговото појавување може да го чини слобода.

На 2 септември по него беше распишана потерница, а обвинителството отвори истрага за „непочитување на законот“, „заговор“, „узурпација на функции“ и „саботажа“, во врска со оспорување на победата на Мадуро и големите протести што избувнаа по изборите.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан