• недела, 24 ноември 2024

Матурска парада на плоштадите во Берово и Пехчево

Матурска парада на плоштадите во Берово и Пехчево

Берово, 20 мај 2023 (МИА) - Во Берово и Пехчево синоќа се одржа матурска парада проследена со традиционалното матурско дефиле на која матурантите од генерацијата 2019/2023 ја покажаа својата убавина, елеганција и грациозност. На плоштадите во двете општини беше одигран традиционалниот валцер, а потоа беа доделени и наградите за најдобрите матуранти. 

Упатувајќи честитки за матурантите градоначалникот на Берово  Звонко Пекевски на патот кој  следува им посака да не ги заборават традиционалните вредности: семејството, културата и доброто однесување, насочувајќи го својот потенцијал, кон вистинските вредности.
 
-Посакувам да бидат желни за нови знаења, да веруваат дека можат да ги остварат и најголемите соништа, да мечтаат,  секојдневно да учат и истражуваат, надополнувајте ги нивните знаења и вештини и предизвикувајќи позитивни промени во општеството.  Гордо  и достоинствено да продолжат напред,  да дадат се од себе, да инвестираат во себе и да запаметат дека се родени да постигнуваат големи успеси, рече Пекевски.

Пехчевскиот градоначалник на Пехчево, Александар Китански рече дека младоста е движечката сила на секое општество, а младите се наредната генерација македонци, промотори на културниот економски и политички развој.

-Овие вредности јас како градоначалник и Локалната самоуправа целосно ги почитуваме, а тие се врвен приоритет и во работењето на општина Пехчево. Образованието нека ви биде цел. Бидејќи само образована младина и продуховен народ ќе можат да одговорат на барањата на новото време, рече Китански.

Како прва генерација која се соочи со онлајн настава, матурантите потенцираа дека средното образование за жал ќе ги паметат по апликациите Микрософт Тимс и Зум преку кои следеа онлајн настава, но сепак беа децидни дека како интелигентна генерација и ваквото искуство поминало без проблеми во учењето.

Неизоставен дел од матурската парада која средношколците од Пехчево и Берово ја продолжија на плоштадот во Берово беше, огнометот, кој придружен со Виенскиот валцер и летечките балони даде вистинско светло во одбележувањето на матурската вечер на генерацијата матуранти 2019/2023 од Берово и Пехчево. вс/дма/

Фото:МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан