• сабота, 23 ноември 2024

МАТТО ќе гради ново училиште во Малатија кое ќе се вика Република Северна Македонија

МАТТО ќе гради ново училиште во Малатија кое ќе се вика Република Северна Македонија

Скопје, 30 март 2023 (МИА) - Стопанската комора на Македонска Турција (МАТТО) ќе гради ново училиште на местото на срушеното училиште во реонот Малатија, Република Турција, кое беше погодено од земјотресот. Името на училиштето ќе биде „Република Северна Македонија“.

Ова го соопшти претседателот на МАТТО, Ајдован Адемоски на синоќешната ифтарска вечера што ја организираше Комората. Адемоски истакна дека во знак на благодарност, надлежните органи во Турција на 34 училници ќе им дадат имиња од македонските градови. 

-Ние од првиот момент сочувствувавме со братскиот турски народ, се мобилизиравме, државата, институциите, невладините организации, црвениот крст и целиот македонски народ, и обезбедивме материјална и финансиска подршка во износ близу 3,000.000 евра и околу 50 шлепери материјална помош. Од мое и од име на МАТТО сакам да изразам благодарност до Владата на Република Северна Македонија, која во овие тешки денови се однесува како вистински пријател. Владата, деловниот свет и ние, стопанските комори, и дадовме важна помош на Турција, но не треба да застанеме тука, рече Адемоски во обраќањето пред присутните.

Тој информира дека членките на МАТТО и Матуситеб иницираа и се ангажираа во реализацијата на проект-донација за изградба на едно од 111-те срушени училишта во реонот Малатија.

-Со оваа акција, тие прават чекор напред во насока на продолжување на заложбите, развивајќи ја идејата за пријателство и солидарност и подигнувајќи го пријателството на уште повисоко ниво. На овој начин, директно ќе се помогне и ќе продолжат растот, развојот и образованието на децата што останаа без своите училишта, а покрај тоа, новите генерации ќе добијат убав пример и слика за хуманоста и пријателството меѓу овие два народа, подвлече Адемоски. 

По неговото излагање, со видео проекција пред гостите беше претставен проектот на училиштето што треба да се изгради.

-Во овој период Турција се соочува со уништување предизвикано од невидена природна катастрофа. Државата работи напорно за да ги залечи раните со поддршка на меѓународната заедница. Од првиот ден, Северна Македонија ни помогна веднаш, сочуствувајќи со нашата болка. Испратени се екипи за пребарување и спасување. Владата, официјалните институции, невладините организации, накратко, сите од сите страни на оваа држава ја дадоа својата драгоцена поддршка. Турскиот народ ви е благодарен. Нашите идни генерации со благодарност ќе се сеќаваат на љубовта и солидарноста што ја покажаа убавите луѓе на оваа земја чии срца чукаат за Турција, истакна турскиот амбасадор во земјава, Хасан Мехмет Секизкок.

Според него, не може да има подобар пример за солидарност од обидот на МАТТО да изгради училиште.

На ифтарската вечера беа и високи владини претставници. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи упати порака по повод Рамазан. Рече дека тоа е месец на пост и воздржување од храна и пиење за муслиманите, но и месец на прочистување од лошо однесување, омраза, завист, па дури и од сите лоши мисли.

-Рамазан е месец на величење на човечките карактеристики, истакнување на моралните принципи, вредности и солидарност со другите луѓе. Според мене, иницијативата на МАТТО за изградба на училиште за децата погодени од земјотресот не можеше да симболизира подобра солидарност. Затоа, би сакал да ја искористам оваа прилика да ја изразам мојата благодарност, нагласи Битиќи.

На ифтарската програма на МАТТО присуствуваа претседателот на Собранието Талат Џафери, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за финансии Фатмир Бесими и други министри, градоначалници, политичари, претставници на здруженија и голем број деловни луѓе.

Ифтарската програма заврши со молитва на Мустафа Ботур, советник за верски служби на Амбасадата на Република Турција во Скопје. мч/лв/

Остани поврзан