• среда, 25 декември 2024

Матарела го осуди растечкиот антисемитизам, холокаустот го нарече најгрозоморното злосторство

Матарела го осуди растечкиот антисемитизам, холокаустот го нарече најгрозоморното злосторство

Рим, 26 јануари 2024 (МИА) – Италијанскиот претседател Серџо Матарела денеска го осуди растечкиот антисемитизам и одржа силен говор за поддршка на еврејскиот народ.

Тој говореше на комеморација во пресрет на Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот, кој е во сенка на израелската воена кампања во Газа и порастот на антиизраелската активност во Италија.

Шефот на римската полиција денеска им нареди на пропалестинските активисти да го одложат за утре планираниот собир за Денот на сеќавањето на Холокаустот во главниот град. Израелската еврејска заедница се пожали дека тоа би можело да биде можност за анти-израелските сили да го искористат собирот против Евреите.

На денешната церемонија во претседателската палата Квиринале на која присуствуваа премиерката Џорџа Мелони и лидерите на италијанската еврејска заедница, Матарела го нарече холокаустот „најгрозоморното злосторство“ и потсети на соучесништвото на Италијанците под фашизмот во депортацијата на Евреите.

Тој рече дека нападите на Хамас на 7 октомври врз Израел биле „грозно повторување на ужасите на Шоа“, што е хебрејско име за Холокаустот.

Матарела, исто така, изрази болка поради зголемениот број на жртви во Газа од израелската воена офанзива и повика на почитување на основните човекови права.

- Оние кои претрпеа злобен обид да се избрише нивниот народ од лицето на земјата, знаат дека правото на друг народ на држава не може да биде ускратено, рече Матарела, мислејќи на Израелците.

Бројот на антисемитски напади во Италија достигна невиден врв минатата година, со 216 случаи пријавени само во последните три месеци од 2023 година, додека имало 241 таков напад во цела 2022 година, соопшти Опсерваторијата за антисемитизам. Минатата година се регистрирани вкупно 454 антисемитски случаи, што е најголем пораст досега.

- Мртвите од Аушвиц, расфрлани на ветрот, постојано нè предупредуваат: Човечкиот пат оди по тешки и ризични патишта. Тоа се манифестира и со враќањето во светот на опасните моменти на антисемитизмот, предрасуди кои се навраќаат на античките антиеврејски стереотипи, засилени со социјалните медиуми без контрола, рече Матарела. јт/

Фото: Х

Остани поврзан