Мастер и докторски студенти од Харвард во посета на Министерството за односи меѓу заедниците
- Група составена од 30 мастер и докторски студенти од Харвард во рамки на иницијативата Балкан Трек, денеска го посетија Министерството за односи меѓу заедниците.
Скопје, 23 мај 2025 (МИА) – Група составена од 30 мастер и докторски студенти од Харвард во рамки на иницијативата Балкан Трек, денеска го посетија Министерството за односи меѓу заедниците.
Во Министерството за односи меѓу заедниците се одржал и настан, на кој присуствувале и заменик-претседателот во Владата и министер Иван Стоилковиќ и министерката за образование и наука Весна Јаневска. Меѓу гостите од Харвард бил и Македонецот Лука Павиќевиќ.

Како што информираат од Министерството, Балкан Трек е иницијатива во чии рамки студентите од Харвард се запознаваат со политичката и економска ситуација во одредени региони, со главен фокус на луѓе, проекти и идеи кои ја сочинуваат иднината на истиот.
- Како Министерство за односи меѓу заедниците, нашата визија и мисија се насочени кон ефективно и целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој претставува темел за стабилноста на државата, хармоничен развој на општеството и почитување на етничкиот идентитет и интересите на сите граѓани. Свесни сме дека токму преку меѓународна соработка и отворени дијалози можеме да ја подигнеме свеста за значењето на културната разновидност. Верувам дека ваквите средби се можност не само да се запознаете со нашата работа, туку и да придонесат за нови идеи, мотивација и конкретни резултати во иднина. Искрено се надевам дека оваа посета ќе биде само почеток на едно трајно пријателство – бидејќи добрите односи се темел на сè, потенцирал министерот Стоилковиќ.

Иницијативата за посета на Западен Балкан, вклучително и Македонија, ја поздравила и министерката за образование и наука Весна Јаневска, која истакнала дека искрено се надева и очекува оти во иднина токму овие студенти, како нови генерации дипломати, економисти, политичари, ќе соработуваат со лидерите во нашата земја, ќе градат добри односи и заедно ќе водат грижа за светот да се развива во подобро место за живеење.
-Добро е да знаете каков сме ние пријателски народ тука. Верувам дека Лука, како македонски студент на Харвард ве запознал со нашата култура, традиција, обичаи, политики на државата... Да знаете колкава е нашата желба да се интегрираме во глобалниот развиен свет. И да не нé заборавите, кога ќе бидете на позиција од која ќе можете да помагате, порачала Јаневска. фф/бак/
Фото: Министерство за односи меѓу заедниците