• среда, 13 ноември 2024

Мастерклас со Одвеиг Кливе и Џејмс О’Лери дел од Скопскиот поетски фестивал

Мастерклас со Одвеиг Кливе и Џејмс О’Лери дел од Скопскиот поетски фестивал

Скопје, 31 мај 2024 (МИА) - Со мастерклас за поетски филмови што денеска ќе го одржат Одвеиг Кливе од Норвешка и Џејмс О’Лери од Ирска во градската библиотека „Браќа Миладиновци“, продолжува четвртото издание на Скопскиот поетски фестивал. Фестивалот беше отворен синоќа во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар, под мотото „Борба. Не војна!“.

Во рамки на денешната програма, во 18:30 часот во киното „Фросина“ во МКЦ публиката ќе може да изгледа неколку поетски филмови на Кливе и О’Лери.

Подоцна, на истата локација во МКЦ, ќе се одржи и интернационалното поетско читање на кое ќе настапат Марко Погачар од Хрватска, Вероника Динтињана од Словенија, Данило Лучиќ од Србија, Танос Гогос од Грција, Одвеиг Кливе од Норвешка, Џејмс О’Лери од Ирска и Катица Ќулавкова.

Со овој настан ќе заврши официјалната програма на фестивалот, а неофицијално, во текот на утрешниот ден ќе се одржи уште едно интернационално поетско читање во природа и јога-час со Љубица Митревска.

Инаку, пред публиката синоќа на отворање на фестивалот настапија 16 поети од седум земји. Програмата беше отворена со „Сонцето денес не изгреа“ ‒ театарски танцов перформанс на актерите Енџи Николоска и Бојан Лазаров по мотиви од поезијата на учесниците. Преходно, на преднастанот „Диптих“ #3 беа претставени преведените поетски книги на Танос Гогос од Грција и Џејмс О’Лери, а во фоајето на на МКЦ беше отворена изложба на Тома Димовски.

Годинешното издание на фестивалот го овозможи Министерството за култура, а негови помагатели се Младинскиот културен центар ‒ Скопје, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје, кафе-книжарницата „Буквa“, Хрватското друштво на писатели (HDP), ПНВ Публикации, НОРЛА и Хотел Цара 1928. Медиумски покровител е МИА, а медиумски партнери се Радио МОФ, Кајгана, Умно и Култура Бета. бт/ев/

Фото: Скопски поетски фестивал

Остани поврзан