• петок, 27 декември 2024

Масовно учество на годинашната Фолклорнa смотрa од западниот регион одржана во Охрид

Масовно учество на годинашната Фолклорнa смотрa од западниот регион одржана во Охрид
Охрид, 8 ноември 2021 (МИА) – Повеќе од 300 игроорци, музичари и вокални интерпретатори од 13 културно-уметнички друштва и фолклорни ансамбли од западниот дел на државата беа дел од годишната Фолклорна смотра од западниот регион одржана вчера во Охрид. Смотрата почна со дефиле низ улиците во центарот на градот и низ чаршијата за потоа да продолжи со настапи на учесниците на големата сцена на Античкиот театар. Благица Илиќ, раководител на Одделението за фолклор во Музичко-балетскиот училишен центар „Илија Николовски-Луј“ од Скопје и член на уметничкиот совет на СОФАМ, изрази задоволство што по двегодишна пауза повторно можат да се видат фолклорните уметници од земјата на сцена. - Фолклорот е наше национално богатство и СОФАМ како единствена организација од овој тип во иднина целосно ќе се заложи за негово унапредување, развивање по одредени стандарди, доближување до младите и подигнување на квалитетот при презентацијата која вклучува оро, инструменти, вокални интерпретации, носија, рече таа. Во рамките на програмските активности на уметничкиот совет на СОФАМ, предвидено е одржување работилници, обуки, практични вежби по региони со сите аматерски ансамбли, за да им се помогне на фолклорните друштва да го подигнат својот квалитет. Пред публиката на Античкиот театар 13 фолклорни друштва и ансамбли презентираа дел од своите вештини, познавања на традиционалниот фолклор и уметничките преработки на богатото фолклорно наследство. аб/аа/

Остани поврзан