• четврток, 26 декември 2024

Масовни протести низ Израел: Десетици илјади граѓани побараа оставка од Нетанјаху

Масовни протести низ Израел: Десетици илјади граѓани побараа оставка од Нетанјаху

Тел Авив, 8 април 2024 (МИА) – Десетици илјади Израелци викендов демонстрираа низ целата земја против владата на Бенјамин Нетанјаху, барајќи посериозни напори за ослободување на заложниците кои Хамас ги држи шест месеци.

Само во Тел Авив, како што пренесува Гардијан, на улиците излегле 100.000 луѓе. Извикувајќи „избори сега“, демонстрантите го повикаа Нетанјаху веднаш да поднесе оставка и побараа избори.

Локалните медиуми јавија дека едно лице, наводно, намерно со автомобил прегазило тројца учесници во протестите, кои се здобиле со повреди. Полицијата го привела возачот.

Митинзи беа одржани и во други градови, а лидерот на израелската опозиција Јаир Лапид учествуваше на еден во Кфар Саба пред да замине во Вашингтон на разговори.

- Ништо не научија, не се сменија, рече тој и додаде: „Сè додека не ги испратиме дома, тие нема да и дадат шанса на оваа земја да оди напред“.

Демонстрации имаше и во Хаифа, Бер Шева, Херцлија и Цезареја пред приватната вила на премиерот Нетанјаху. Таму дошло до судир меѓу полицијата и демонстрантите кои се обидувале да се доближат до резиденцијата.

Протест за ослободување на заложниците на Хамас се одржа и во Ерусалим.

Поминаа точно шест месеци откако терористите на Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел, убивајќи околу 1.200 луѓе и киднапирајќи 250 луѓе.

Според информациите, 129 лица сè уште се во рацете на Хамас. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан