• среда, 25 декември 2024

МАСИТ бара да се укине „недела неработен ден“

МАСИТ бара да се укине  „недела неработен ден“

Скопје, 6 ноември 2024 (МИА) - Да се укине „недела неработен ден“ и да им се овозможи на ИТ инженерите работа од дома, како и скратено работно време, бара Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ). Ова, како што му беше предочено денеска на премиерот Христијан Мицкоски, се поволности кои во светот се применуваат со години.

Како што изјави претседателката на МАСИТ, Анета Антова Пешева по средбата со Мицкоски, ИТ индустријата се надева дека дигиталната трансформација во земјава брзо ќе се случи.

-Бараме големи измени во Законот за работни односи. Се надевам дека соработката што ја имаме, ќе продолжи. Го поздравуваме Советот за дигитална трансформација на државата. Се надеваме дека дигиталната трансформација брзо ќе се случи, а тоа значи ставање на сите хартии и документи во дигитална форма. Потоа ќе поминеме на фазата интероперабилност меѓу институциите за да можат граѓаните да почувствуваат дека навистина нешто е направено и дека побрзо ќе течат процесите, истакна  Антова Пешева.

Таа информира дека МАСИТ предложила воспоставување јавни-приватни партнерства со домашни и безбедносно сертифицирани фирми кои ќе им помогнат на органите и министерствата со стручен кадар.

Мицкоски ја пофали досегашната соработка со МАСИТ. Рече дека сите средби биле конструктивни и од нив произлегле многу идеи и предлози кои потоа резултираат со политики.

-Импресивен е фактот дека како ИКТ индустрија имаме повеќе од половина милијарда евра извоз во 2023 година и тој претпоставувам продолжува да расте, тоа е нешто што додава вредност во нашата економија. Голем дел од овие луѓе коишто работат во ИКТ индустријата, тоа се повеќе од 20 000, мислам дека во 2023 година повеќе од 21 000 се вработените во ИКТ, се луѓе кои останале тука, дома и од тука се борат не само за своето семејство и својата егзистенција, туку и за својата татковина и тие лично од мене имаат огромна почит, имајќи превид дека се дефицитарни и дека имаат поголема понуда. Секогаш луѓето кои останаа тука и кои се борат за својата татковина од мене ќе ја имаат почитта и секогаш ќе имаат приоритет во политиките на оваа Влада, а политиките на оваа Влада се да ги привлечеме младите кои, за жал, ја напуштија земјата, да се вратат дома и тоа Македонија го заслужува, потенцира Мицкоски.

На средбата, додаде, бил направен рекапитулар на се што било претходно зборувано.

-Добивме идеи, предлози што до сега биле дисфункционални, дел од тие и веќе ги имплементираме. Пред нешто повеќе од една недела почнавме со проектот на нудење услуги за граѓаните со кои нема да има понижувања, шалтерски чекања,... Се сеќавате како беше кога се вадеа пасоши, лични карти, возачки дозволи. Пред повеќе од една недела во Аеродром отворивме таква канцеларија која нуди повеќе од 120 услуги, меѓу кои и изводи од матичната книга на родените, стаж, катастарски услуги,... и тоа продолжуваме да го правиме во други општини во државата, рече премиерот.

Во однос на дигитализацијата, потсети дека има посебно Министерство за дигитална трансформација.

-Министерството работи посветено. За овие неколку месеци се направија навистина големи чекори напред. Очекувам така да се продолжи и во иднина. Не е доволно, денеска разгледавме неколку параметри, очекувам информатичката култура во државата да се зголемува, да биде што подостапна и што повеќе корисници да има, барем да го стигнеме европскиот просек, сега сме под тој европски просек. Јас како инженер лично го стимулирам тоа и ќе го поддржувам, тука не треба да имаме никаква дилема, нагласи Мицкоски. мч/ев/

фото/видео: МИА и Влада на РСМ 


 
 

Остани поврзан