• вторник, 24 декември 2024

Марш за Сребреница: Страшното злосторство да не се повтори никаде и никогаш

Марш за Сребреница: Страшното злосторство да не се повтори никаде и никогаш

Скопје, 11 јули 2023 (МИА) – На ниеден народ, на ниедна вера и на ниедна нација да не и се случи Сребреница, ова е пораката која денеска беше испратена на традиционален комеморативен „Марш за Сребреница“ во Скопје. 

Маршот се одржа во знак на почит и сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница.

- Денеска се сеќаваме на страшното злосторство, геноцид кој е сторен во нашата матична држава Босна и Херцеговина каде се убиени преку осум илјади Бошњаци. Убиени се многу повеќе Бошњаци во тие денови, но масакрот кој е направен во Сребреница и кој според меѓународниот суд е окарактеризиран како геноцид е нешто најголемо и нешто најстрашно и затоа овој ден е ден во кој се сеќаваме на страшното злосторство, истакна Џеват Хот, претседател на бошњачкиот Национален совет и организатор на маршот. 

Во пресрет на маршот е одржана ликовна средба на ликовни уметници кои изминатите пет дена изработиле уметнички дела на тема Сребреница, и тие беа изложени на плоштадот „Македонија". 

-Со нивните слики уметниците сакаа да го покажат страшното злосторство што се случило. Имавме уметници од цела поранешна Југославија и сите тие се здружија со цел на луѓето од целиот свет да им испратат порака дека ова што се има случено во Сребреница да не се повтори веќе никаде и никогаш. Сведоци сме дека сега нешто слично има во Украина што не треба да се случи, порача Хот. 

Маршот започна во 18:30 часот во Чаир, преку булевар „Џон Кенеди“, Стара скопска чаршија, плоштад „Филип Втори“, и заврши на плоштад „Македонија“ каде што се одржа комеморативна програма за сеќавање на жртвите на геноцидот во Сребреница.свс/са/

Фото: МИА

Остани поврзан