• вторник, 20 јануари 2026

Мартин Гоџо го извади крстот од осветените води на Охридското Езеро

Мартин Гоџо го извади крстот од осветените води на Охридското Езеро

Охрид, 19 јануари 2026 (МИА) – Мартин Гоџо од населбата Варош денеска беше најсреќен меѓу стотиците верници кои се собраа по повод празникот Водици на охридското пристаниште. Тој од осветените води го извади крстот што во езерото го положи митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј.

Ова е третпат 29-годишниот Гоџо да го фати Чесниот крст, кој смета дека негов бил благодетот тој да биде најсреќниот денеска.

-          Како православен христијанин му посакувам секому, на секој верник, барем еднаш во животот да ја почувстува оваа благодет. Желбата е голема, ние што живееме во стариот дел на Охрид сме задоени со оваа традиција. За себе посакувам здравје, благосостојба, мир во фамилијата, рече Гоџо.

Првпат оваа година крстот во Охридското Езеро го положи новоназначениот владика Герогиј, кој на верниците им порача онака како што Христот влезе во реката Јордан така сите верници да влезат во водите на покајанието, заветувајќи се во своето срце да го сместат Бога, но и своите ближни...

-          Крај ова прекрасно Охридско Езеро да посведочиме дека верата не е само традиција што ја пренесуваме од колено на колено, туку жив однос кон Бога. Да си припомнене дека не е само доволно да го положиме крстот во водата, туку потребно е самиот Христос кој денес се крштева во Јордан, да го положиме во нашите срца, во нашите мисли и што е најважно во нашите тела. Иако денеска само еден ќе го фати крстот, сепак, Божјиот благослов што извира од него е е наменет за сите. Нека тој ни биде потаен потсетник дека патот на покајанието и на смиреното и трпеливо носење  на живоносниот крст е единствениот пат пто води кон  Воскресение, темелот на нашата спасоносна вера. Бог се јави, порача владиката Георгиј, кој го даруваше фаќачот на крстот со златно ланче со крст.

Дарови за најсреќниот Мартин Гоџо во име на Општина Охрид му предаде и градоначалникот Кирил Пецаков, иока и сребрен крст изработен во филигран, посакувајќи му се најдобро, многу среќа, здравје и љубов и оваа година да биде негова, но и на охриѓани.

-          Дефинитивно Водици за охриѓани е најголемиот верски празник. Слободно можеме да кажеме дека ова е централната манифестација за Водици во Македонија, испочотувани буквално од сите институции, а би рекол и од голем број луѓе од сите градови, но и од странство. Наша ра бота е како локална самоуправа како организатори оваа манифестација да расте, покрај религиски празник да биде и своевидна туристичка атракција каде многу стрсански туристи ќе можат да видат што значи традиција, рече Пецаков.

Присатен на осветувањето на водите беше и вицепремиерот Александар Николовски, кој рече дека е прекрасно да се биде во Охрид меѓу даееттина илјади верници и гости.

-          Многу туристи видов, тоа ми е навистина многу драго, многу странци што мислам дека многу значи за развој на градот и туризмот. Мислам дека ова што го прави градоначалникот со поддршка на Владата ќе продолжи да дава резултати во периодот што е пред нас. На оној што го фати крстот му посакувам здавје, среќа да го следи во текот на годината и да се гледаме за убави работи, рече Николовски.

Инаку, самото осветување на водите беше проследено со убаво сончево време, но студено на температура од некаде четири степени Целзиусови, а осум степени водата во езерото. Студената вода не ги спречи верниците да влезат и да се искапат за здравје.

За нивна безбедност на копно и во вода беа ангажирани десетина медицински екипи кои имаа 17 интервенции во вода и три на копно, сите без посериозни последици.

-          Се работи за несвестици, колабирања, промрзлини, но се мина во најдобар ред, рече Сашо Точков од Црвениот крст – Охрид.

Празнувањата на Богојавленскиот водосвет во Охрид продолжи на Градскиот плоштад со културно-забавна програма, а чествувањата продолжуваат и утре на Денот на рибарите - 20 јануари, поточно прославувањето на празникот Свети Јован Крстител. И оваа година таа уникатна манифестација се одбележува со традиционалното капење на рибарите, со што своевремено се означуваше крајот на забраната за риболов за време на зимскиот мрест. Последните години наместо рибарите во езерото влегуваат членовите од тајфата на оној што ќе го фати крстот. Целата манифестација се одржува на месноста Сараиште, а е збогатена со музичка програма и пржени плашици, колбаси, пача, греана ракија и вино за посетителите... 

Празнувањето по повод верските празници Богојавление и Свети Јован Крстител во Охрид е една од најмасовните црковно-верски манифестации во овој дел од православието, како според бројот посетители на чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро, така и по бројот верници и гости кои влегуваат во студените езерски води за да го фатат Светиот крст.

Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Toj важи за еден од најголемите христијански празници. Со него завршуваат 12-те т.н. некрстени денови и циклусот зимски празници како Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и други. На Богојавление на полноќ се верува дека се отвора небото, се појавува Бог, а луѓето му се обраќаат за да им ги исполни нивните желби. Во тој миг водите престануваат да течат и стануват лековити. аб/мд/

фото: МИА

Остани поврзан