• среда, 13 ноември 2024

Марта Кос нов словенечки предлог за еврокомесар 

Марта Кос нов словенечки предлог за еврокомесар 

Љубљана, 10 септември 2024 (МИА) - Поранешната словенечка амбасадорка во Германија и во Швајцарија, Марта Кос е новата кандидатка на Словенија за еврокомесарка. 

Во 2022 година Кос беше номинирана за претседателка на Словенија како кандидат на либералното Движење Слобода (ГС) на словенечкиот премиер Роберт Голоб, но се повлече од трката уште пред изборите. Во моментов таа е ангажирана како советничка на бриселската канцеларија на лоби агенција Криб. 

Кос ќе го замени поранешниот прв човек на Словенечкиот суд на ревизори, Томаж Весел, кој ја повлече својата кандидатура за еврокомесар во петокот. Повлекувањето на Весел уследи по информациите дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, побарала од некои земји членки да ги заменат своите предложени кандидати мажи со жени, со цел да се постигне колку што е можно поголема родова еднаквост во новото извршно тело на ЕУ. Претходно и Романија го замени својот кандидат за еврокомесар со кандидатка. 

Со номинацијата на Кос, во новата Еврокомисија би имало најмногу 11 жени од вкупно 27-те членови. 

За утре е закажана средба на Фон дер Лајен со претседателите на пратеничките групи во Европскиот парламент посветена на предлог-составот на новата Еврокомисија и се очекува таа да ја соопшти конечната листа на еврокомесари и ресорите со кои тие ќе раководат. По ова ќе следува сослушување и одобрување на кандидатите за еврокомесари во ресорните комитети на Европарламентот, по што европратениците на пленарна седница треба да гласаат за избор на новата Европска комисија. Целата постапка се очекува да заврши во втората половина на октомври. 

Остани поврзан