• четврток, 26 декември 2024

Марота го потврди интересот на Интер за Ериксен

Марота го потврди интересот на Интер за Ериксен
Милано, 7 јануари 2020 година (МИА) - Главниот извршен директор на Интер, Џузепе Марота потврди дека клубот е заинтересиран за Кристијан Ериксен, но призна дека досега не остварил контакт со Тотенхем. Минатата недела „Скај Италија“ објави дека Интер е еден од неколкуте клубови кои контактирале со претставниците на Данецот во врска со неговата иднина. Договорот на 27-годишниот играч од средниот ред истекува во текот на летото, а тој е слободен да разговара со други клубови од овој месец. - Честопати важни играчи се предмет на наш интерес. Ериксен е одличен фудбалер чиј договор истекува во јуни, но ние не разговаравме со Тотенхем. Сè уште верувам дека има многу клубови кои се заинтересирани за неговите услуги и сè уште не сме започнале преговори. Она што ќе го кажам е дека тој е многу важен и интересен играч. Бараме играч од средниот ред и крило. Имаме неколку контакти со компании и агенти за да се обидеме да го подобриме нашиот состав. Сè уште не сме дошле до заклучок затоа што сакаме да ги правиме работите многу мирно, изјави Марота за „Скај Италија“. Ериксен во текот на летото изјави дека е подготвен да ги напушти Спарси и да проба нешто ново, но дека „секој трансфер треба да биде чекор напред“. Менаџерот на Тотенхем, Жозе Мурињо, во петокот изјави дека не е сигурен дали данскиот репрезентативец ќе го напушти клубот овој месец. Ериксен одигра 29 натпревари за „петлите“ во сезоната, постигнувајќи седум гола.

Остани поврзан