• сабота, 23 ноември 2024

Марк Закерберг се извини на семејствата чии најблиски настрадале од злупотреби на социјалните мрежи

Марк Закерберг се извини на семејствата чии најблиски настрадале од злупотреби на социјалните мрежи

Вашингтон, 1 февруари 2024 (МИА) - Марк Закерберг, технолошки тајкун и милијардер, основач на компанијата Мета, на сослушување пред сенатска комисија синоќа јавно се извини на семејствата чии блиски настрадале од злоупотреби на социјалните мрежи како Фејсбук или Инстаграм.

Ова е прв ваков пример во историјата на конгресните сослушувања сведок да се извини на присутните. Некои американски коментатори го опишаа како тревожен историски момент без преседан.

На сослушувањето присутна беше група од семејства во жалост кои држеа фотографии од нивните најблиски, деца и малолетници кои настрадале од заплашување и омраза, депресија, самоубиства, употреба на дрога или сексуално предаторство, а поради непостоење заштита на социјалните мрежи.

По напнат разговор со него, републиканскиот конгресмен Џош Хоули побара од Закерберг да се извини на семејствата, тој стана се сврте и им се обрати.

-Жал ми е за сѐ што сте поминале. Никој не треба да помине низ она поради што вашите семејства страдале и затоа ние толку многу инвестираме и ќе продолжиме со напорите низ цела индустрија да се осигураме никој да не помине низ нештата од кои вашите семејства страдале.

Петмина раководители на компаниите Мета, Х (поранешна Твитер), ТикТок, Снап и Дискорд, одговараа на обвинувачките и понекогаш укорувачки прашања на конгресмените за тоа какви политики на безбедност имаат новните платформи да се спречат лошите работи што се случуваат на нивните платформи.

Сослушувањето беше тензично и трагикомично. Конгресмените беа како строги учители кои ги караа учениците, раководителите на овие комании. На моменти во салата имаше плач, ракоплескање, смеење.

Сенаторот Линдзи Грем им рече: „Имате крв на вашите раце.... Безбедноста на вашите платформи е исшмукана“.  

Иако и самите законодавци имаат удел во оваа криза поради повеќегодишната неактивност да се усвои легислатива по теркот на мерките преземени во Европската Унија.

На сослушувањето конгресмените обвинуваа и за другите активности што се одвиваат на овие платформи, како трговија со фентaнил и други наркотички средства, детска порнографија, реклама за самопомош при самоубиство или надзор од странски сили.

Хоули ја обвини ТикТок дека е шпионска мрежа под управа на кинеската комунистичка партија што го следи движењето и навиките на Американците и побара нејзина забрана во САД. Деморатската сенаторка Ејми Клобучар побара привремено затворање на овие мрежи давајќи аналогија со компанијата Боинг што ги приземји своите авиони по откриен дефект за време на лет.

Во време кога постои раскол меѓу двете партии во Конгресот, ова сослушување покажа дека тие барем по едно нешто се согласуваат. Ветуваат дека одамна е дојдено време за носење најстрога легислатива за регулирање на содржините на овие платформи, за нивно ограничување за малолетници и за негативната улога што тие ја имаат во психолошкото здравје и иднината на децата и младината во САД. кб/сд/

Остани поврзан