• недела, 24 ноември 2024

Марко Колев ја презеде функцијата градоначалник на Општина Велес 

Марко Колев ја презеде функцијата градоначалник на Општина Велес 
Велес, 27 октомври 2021(МИА) - Во Големата сала на Општина Велес денеска се одржа свеченост по повод примопредавањето на должноста и функцијата градоначалник меѓу досегашниот Аце Коцевски и новоизбраниот градоначалник на Општина Велес, Марко Колев.
На чинот на примопредавање, Коцевски му го врачи клучот на градот на новиот градоначалник, Колев.  Тој му ја честиташе функцијата и му посака успешна работа, како и на членовите на новиот Совет на Општина Велес. Според него, на свечен и достоинствен начин се врши примопредавање на власта и порача тоа и понатаму да остане традиција.
Новиот градоначалникот на Велес Колев им се заблагодари на сите граѓани за довербата и поддршката што му ја дадоа на локалните избори и им порача дека функцијата градоначалник ќе ја извршува чесно, посветено и ќе даде се од себе да ја оправда довербата.
- Време за губење нема, веднаш започнуваме со работа и реализација на 213 проекти кои беа дел од мојата предизборна програма. Свесен сум дека нема да биде лесно, свесен сум за предизвикот, но само со напорна работа, трудољубивост и сплотеност ќе ги оствариме зацртаните цели. Да го направиме Велес поубаво место за живеење за сите нас, порача Колев.
Претседателот на ОИК Велес, Андреј Ќамилов му го додели уверението на новоизбраниот градоначалник Колев и на 23-та  новоизбрани членови на Советот на Општина Велес.
Во наредниот четиригодишен мандат Советот на Општина Велес ќе биде составен од 11 советници од Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, осум советници се од Коалицијата на СДСМ, од Левица се тројца и еден советник од ДУИ. ад/мд/

Остани поврзан