• сабота, 16 ноември 2024

Маркоска:Мизрахи да закаже седница на Анкетната комисија за Онкологија

Маркоска:Мизрахи да закаже седница на Анкетната комисија за Онкологија

Скопје, 28 ноември 2023 (МИА) - Пратеничката од СДСМ Даниела Маркоска денеска на прес-конференција изјави дека претседателката на Анкетната комисија за онкологија Рашела Мизрахи нема закажано седница на која треба да се разгледаат заклучоците од работата на Комисијата. 

- Срамна и неодговорна е злоупотребата на Анкетната комисија за случајот Онкологија од страна на ДПМНЕ и претседателката Рашела Мизрахи. ДПМНЕ и Мизрахи покажаа дека нивната цел со комисијата воопшто не била вистината, не биле пациентите, немале намера воопшто нешто да преземат, рече Маркоска. 

Според неа, тие политички ја злоупотребуваат Комисијата за ширење на невистини и манипулација на граѓаните.

-Јавноста и ние пратениците се сомневаме дека намерата на ДПМНЕ е да ја опструира истрагата на надлежните институции и да ја попречува. А тоа се потврдува. Во текот на вчерашниот ден Мизрахи и ДПМНЕ направија преседан во македонското Собрание. Заклучоци напишани во Белата палата, без ниту еден доказ и основа, беа прочитани и од посочените, комисијата прекината. Без притоа воопшто и да се направи обид да се дојде до заеднички заклучоци, усогласени од членовите на Анкетната комисија, подвлече Маркоска.

Таа истакна дека ваков скандалозен однос кон случајот, кон Комисијата, кон пациентите е недозволив.

- Ние се спротивставивме за оваа злоупотреба, за овој преседан по што пратениците на ДПМНЕ, виде јавноста, цел ден бегаа од седницата. Еве истото се случува и денеска. Сомнително е и тоа што единствено Милан Ристевски не беше пред анектната комисија, но за ова дополнително ќе се информираме, рече таа. 

Маркоска нагласи дека во името на пациентите на Онкологија, во името на вистината и правдата, Мизрахи треба да си даде оставка.

Таа додаде дека случајот Онкологија после 30 години го отворија институции во време на СДСМ и без разлика на ваквото однесување на ВМРО - ДПМНЕ, одговорност за сите ќе биде утврдена. бд/ев/


Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан