• среда, 25 декември 2024

Маричиќ - Јанос Бока: Европската интеграција на Северна Македонија мора да продолжи

Маричиќ - Јанос Бока: Европската интеграција на Северна Македонија мора да продолжи

Скопје, 28 мај 2024 (МИА) - Првиот заменик претседател за европски прашања Бојан Маричиќ денеска се сретна со министерот за европски прашања на Унгарија, Јанос Бока. На средбата, како што соопшти СЕП, станало збор за приоритетите на унгарското претседателство со цел зајакнување и поддршка на процесот на европските интеграции на Северна Македонија во периодот што следи.

Беше речено дека Унгарија како претседавач ќе биде фокусирана на проширувањето на ЕУ со земјите кои се дел од пакетот за проширување со фокус на Западен Балкан и Северна Македонија и со посебен акцент на спроведување на реформите.

Вицепремиерот Маричиќ изјави дека државата мора да го продолжи процесот на евроинтеграција, кој е дел од меѓународните заложби и обврски за просперитет на регионот, Европа и сите граѓани на државата. Преземањето на обврските и исполнувањето на долгорочните планови со Европската Комисија, според него, се од витално значење за прогрес на државата, меѓународните стратешки партнери и за развојот на геополитичката мапа на регионот и Европа. 

Маричиќ ја истакна важноста од носење важни одлуки за натамошно реализирање на стратешките цели на Северна Македонија и регионот за која се залагаат и земјите членки на ЕУ, регионот на Западен Балкан и сите стратешки партнери на државата. 

На средбата во фокус беше и заложбата на Европската Комисија за Планот за раст за земјите на Западен Балкан, можностите и конкретните мерки со кои земјите кои се дел од Планот за раст ќе ги почувствуваат придобивките од неговата имплементација во претпристапниот период се до полноправно членство во унијата, каде што природно, географски и идеолошки припаѓаат. 

Вицепремиерот Маричиќ и министерот Бока се согласија дека во последните две години беа постигнати значајни резултати во процесот на евроинтеграција на Северна Македонија, со реализација на скрининг процесот, почнувањето на преговорите за државата и комплетната подготовка за реализација на европската агенда на државата. 

-Европската интеграција мора да продолжи со преземањето на обврските на патот кон ЕУ со кои државата ќе се движи во правец на прогрес и значаен развој. Реализацијата на Планот за раст е исклучително важен процес, бара детално и вредно вклучување на сите капацитети со големи придобивки за државата и за сите граѓани во неа, рече Маричиќ.

Унгарија претседава со Советот на Европа од 1 Јули 2024 до крајот на годината. мч/аа/

фото: СЕП
 
 

 

Остани поврзан