• четврток, 26 декември 2024

Маричиќ: Целта на промена на Уставот не е да се прави ревизија на АСНОМ

Маричиќ: Целта на промена на Уставот не е да се прави ревизија на АСНОМ

Скопје, 14 јули 2022(МИА) - Целта на промената на Уставот не е да се прави ревизија на АСНОМ, туку да им се овозможи на луѓето што се изјаснуваат како Бугари да бидат признаени како една од заедниците во земјава и да ги имаат правата како и другите, објасни заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во вечерашното гостување на „Само интервју“.

- Не знам дали Бугарите знаат што пишува во прогласот на АСНОМ. Тој има двоен карактер. Еден е политичкиот карактер на испраќање на овие поствоени пораки по втората Светска војна, а другиот е државотворен карактер, бидејќи АСНОМ носи и неколку важни одлуки. Тогаш е официјализиран македонскиот јазик, тогаш е воспоставена државата, Владата, народна власт итн. Ние во таков вид на ревизија на Уставот не можеме да влеземе, ниту имаме намера да влеземе. Зашто АСНОМ е темелот, потенцираше Маричиќ.

Според вицепремиерот Маричиќ, треба да влеземе со повеќе самодоверба во овој процес, дека знаеме кој сме и што сме, дека прашањето за историјата е прашање за историчарите и дека ако влеземе во ова со искреност и добра намера и свесни кои сме и што сме нема да имаме толкав проблем колку што мислиме.

- Ова е компромис којшто ние го правиме заради нас, не заради Бугарија, не заради некој друг. Треба да нè радува фактот што после 17 години чекање влегуваме во фаза на преговори со ЕУ и 13 позитивни препораки на ЕУ. Имале и други влади шанса, 11 години имала шанса ВМРО-ДПМНЕ, во 90-тите исто така имало многу шанси под многу подобри услови да се решат овие прашања, за да денес не мораме да бидеме во оваа ситуација, рече во „Само интервју“ Маричиќ. ир/сп/

Остани поврзан