• недела, 28 јули 2024

Маричиќ: Успехот е во обединетоста и одлучноста за членство во ЕУ, не е време за партиски изговори

Маричиќ: Успехот е во обединетоста и одлучноста за членство во ЕУ, не е време за партиски изговори

Скопје, 9 август 2023 (МИА) - Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ Бојан Маричиќ за Манифестот на лидерите на политичките партии застапени во Собранието, а во врска со водењето преговори за полноправно членство во ЕУ, смета дека е уште еден повик и можност за обединување и начин да се докаже дека политичките партии имаат иста мисија и цел кога станува збор иднината на државата и граѓаните.

-Манифестот потпишан и поддржан од сите политички партии ќе биде силен доказ дека сите имаме иста мисија и цел кога е во прашање иднината на државата и граѓаните. Со заеднички глас за европската иднина да тргнеме по патот на целосно трансформирање на македонското општество, пишува вицепремиерот на Фејсбук.

Според Маричиќ, овој момент е историски за евроинтеграцијата на Северна Македонија и смета дека процесите добиваат на успех и вредност ако ги валоризираме во вистинско време.

-Сега не е време за политички надмудрувања и изговори. Убеден сум дека ќе сведочиме за нов брз напредок кон ЕУ и успех во постигнувањето на врвните стратешки приоритети и национални интереси, вели Маричиќ.

Во објавата Маричиќ наведува дека „овој Манифест не само што ја претставува политичката заложба за ЕУ, туку е и потврда за нашата национална решителност да изградиме подобра, обединета и светла иднина за Северна Македонија“.

Сега е најважно, како што вели, сите да застанат на иста страна  и со посветеност и единство да продолжат преговорите со ЕУ, оставајќи ги настрана политичките разлики да демонстрираат искрена намера за членство во ЕУ.

-Водени од заедничката визија што ги надминува партиските граници, поединци, пратеници, сите политички партии да ја потврдат искрената намера за ЕУ и да работиме неуморно за исполнување на аспирациите на нашиот народ и за обезбедување на нашето место во Европската Унија, порачува Маричиќ. хс/са/

Фото: Секретаријат за европски прашања 

 

Остани поврзан