• четврток, 26 декември 2024

Маричиќ: Со целосна вклученост на сите ќе имаме успешни преговори

Маричиќ: Со целосна вклученост на сите ќе имаме успешни преговори
Скопје, 4 октомври 2022 (МИА) - Поставивме амбициозна цел да бидеме подготвени за влез во Унијата до 2030 година и ве уверувам дека оваа Влада е целосно посветена на тоа. Знаеме дека нема секогаш да биде лесно, но верувам дека ако сите вложиме соодветни напори, тоа е изводливо. Државата има капацитет да биде успешна европска приказна.
Ова, како што соопшти СЕП, го истакна заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач, Бојан Маричиќ, на денешниот работен состанок со шефовите на делегациите на ЕУ во земјава, прв откако Северна Македонија ги отвори преговорите со Унијата.
-Од страна на вицепремиерот Маричиќ уште еднаш беше потврдено дека евроинтегративниот процес мора да биде транспарентен и инклузивен процес и дека новата преговарачка структура дава можности за вклучување и соработка со различни чинители како граѓанското општество, академската заедница и бизнис заедницата, дополнувајќи дека механизмите на соработка ќе бидат меѓусебно договорени, со цел да се обезбеди национален консензус и Собранието односно неговите тела - Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции да имаат активна улога во преговарачкиот процес, стои во соопштението.
Шефовите на делегациите на ЕУ во земјава, пак, го поздравија почетокот на првата фаза од преговорите, скрининг процесот, и потврдија дека Северна Македонија е на добар пат да обезбеди добра динамика и успешен тек на преговорите.
Според Маричич, одлуката на Советот на Европската Унија за усвојување на Преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија, како и организацијата на првата Меѓувладина конференција, во јули годинава, не само што е уште една клучна пресвртница во нашите односи, туку и потврда на ЕУ перспективата на нашата земја.
-Оваа одлука, исто така, треба да се сфати и пренесе како позитивен сигнал за целиот регион дека процесот на пристапување во ЕУ на земјите од Западен Балкан останува приоритет за ЕУ, без оглед на тековните глобални предизвици како што е војната во Украина, енергетската и економската криза, рече Маричиќ.
Маричиќ, се додава, ја искористи приликата и на состанокот со евроамбасадорот Гир и шефовите на делегациите на ЕУ во Северна Македонија потенцираше дека во следниот период ќе се интензивира партнерската соработка со Комисијата и со земјите-членки на Европската унија, во текот на скрининг процесот, но и при презентирањето на нашата јавност на практичните предности и придобивки од процесот на пристапување.
 Северна Македонија, додаде вицепремиерот, останува посветена на продлабочување на регионалната соработка и ја поздрави иницијативата за интензивирање на активностите во рамки на Берлинскиот процес, како платформа за поблиска регионална интеграција и подготовка за внатрешниот пазар на Европската унија.
Како следни планови Маричиќ ја најави ревизијата на Националната програма за усвојување на правото на Европската унија, која ќе биде направена во согласност со наодите од претстојниот Извештај на Европската комисија за земјата и препораките од мисии за рецензија, се наведува во соопштението од СЕП. вг/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан