• недела, 17 ноември 2024

Маричиќ: Решени сме да ги забрзаме реформите и целосно да се усогласиме со ЕУ во областа на даноците

Маричиќ: Решени сме да ги забрзаме реформите и целосно да се усогласиме со ЕУ во областа на даноците
Скопје, 21 октомври 2022 (МИА) - Владата и институциите работат на забрзување на реформите и подготовка на нашиот даночен систем за влез во системот на Унијата, во областа на оданочувањето, порача денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ на денешниот објаснувачки скрининг состанок за Поглавјето 16 - „Оданочување“. - Решени сме да ги забрзаме реформите во областа на даноците, со цел целосно усогласување со европските регулативи и стандарди и подготовка на македонското општество за полноправно членство во ЕУ, рече Маричиќ, истакнувајќи дека имаме напредок во намалувањето на административниот товар за даночните обврзници и постапката за поврат на ДДВ, но дека треба да работиме на капацитетот на даночната и да осигураме ефективна автоматска размена на даночни информации со земјите членки на ЕУ. Вицепремиерот Маричиќ се осврна на важните чекори што се преземени во оваа област и во зајакнувањето на националното законодавство и оперативниот капацитет, потенцирајќи ја Стратегијата за реформа на даночниот систем 2021-2025 година, која опфаќа правично оданочување, наплата на приходи, даночна транспарентност, квалитет на услугите и зелено оданочување. На објаснувачкиот скрининг состанок беше присутна и директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска, која рече дека ова поглавје ќе донесе предности за бизнисот и македонските компании, пред сè во однос на помали административни трошоци, потранспарентен и посигурен бизнис и намалување на бирократските процедури. - Свесни сме за предностите што ова поглавје ќе ги донесе на општеството во целина. Размената на информации со релевантните институции на ЕУ ќе придонесе за поефикасна наплата на даночните приходи и елиминирање на даночното затајување, истакна Лукаревска. Маричиќ во своето обраќање пред претставниците на Европската комисија посочи дека од март 2020 година се спроведува Твининг проект „Подобрување на наплатата на приходите и даночната и царинската политика“, со цел понатамошно усогласување на даночното и царинското законодавство со релевантното законодавство на ЕУ и најдобрите практики, подобрување на економската анализа и прогнозирањето на приходите, како и моделирање и подобрување на оперативните и административните капацитети на клучните институции во системот. За административна соработка и заемна помош, Маричиќ рече дека Владата има потпишано 49 договори за избегнување на двојното оданочување и спречување на фискална евазија, од кои 24 се склучени со земјите-членки. Тој напомена и дека како членка на Инклузивната рамка на справување со даночната ерозија и селење на добивките (БЕПС), Северна Македонија учествува во преземањето мерки за спречување на можностите за даночно затајување и е посветена на спроведување на минималните стандарди на БЕПС. - Мултилатералната конвенција за спроведување мерки поврзани со даночниот договор за спречување на БЕПС беше потпишана во 2020 година, а ратификацијата ќе следи во следните неколку месеци, најави Маричиќ. Денеска во Брисел покрај објаснувачкиот скрининг состанок за Поглавјето 16 - „Оданочување“, ќе се одржи и состанокот за Поглавје 25 - „Наука и истражување“, со што се заокружуваат скрининг состаноците за Кластерот 3 - „Конкуренција и инклузивен раст“. сп/ https://www.youtube.com/watch?v=pKT-rUn-A5A https://www.youtube.com/watch?v=gk_pH7Xoeu8

Остани поврзан