• среда, 25 декември 2024

Маричиќ: Проширување на ЕУ е високо на агендата на белгиското претседателство 

Маричиќ: Проширување на ЕУ е високо на агендата на белгиското претседателство 

Брисел, 13 февруари 2024 (МИА) – Белгиското претседателство со Советот на ЕУ дава поддршка на се она што го прави Северна Македонија на патот кон членство во Европската Унија, изјави за МИА првиот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ по денешната средба во Брисел со министерка за надворешни работи, европски прашања и надворешна трговија на Белгија, Хаџа Лабиб, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.  

- Од страна на белгиската министерка добивме уверување дека темата проширување е високо на агендата на белгиското претседателство, дека сите прашања поврзани со Западен Балкан и со проширувањето ќе се најдат на дневниот ред во овие шест месеци, ќе се дискутираат и патоказите коишто ги доставивме и коишто треба да ги комплетираме во овој период, а ќе се дискутираат и прашањата поврзани со Планот за раст, истакна Маричиќ. 

Тој посочи дека на средбата укажал при тоа треба да се внимава на сите аспекти, вклучувајќи ги и доследно следење на текстот на Преговарачката рамка од јули 2022 година, како и заклучоците на Советот на министри на ЕУ.  

Лабиб се интересирала и за политичката состојба во земјата и за активностите поврзани со реформскиот план и за тоа што во овој период можеме да спроведеме од реформите. 

- Ние кажавме дека ќе го направиме се она што може во услови на техничка Влада, вклучувајќи го и утврдувањето или финализирањето на реформскиот план врзан со Планот за раст, но дека по одлуката на граѓаните по изборите, ќе работиме поинтензивно на тоа. По формирањето на следната Влада, а јас сум сигурен дека тоа ќе биде во ова мнозинство, таа ќе треба да работи интензивно на европските интеграции и на реформите и на уставните измени, додаде Маричиќ. 

Покрај со Лабиб, Маричиќ се сретна и со заменикот на генералната директорка за Западен Балкан во Европската службата за надворешна политика (ЕЕАС), Марко Маковец, а попладнево ќе има средби и со раководителот на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР), Герт Јан Копман и со дипломатскиот советник на претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел за надворешна политика, Симон Мордју.  

Тој во изјавата истакна дека намерата е на овие средби да се добијат информации за настаните пред европските избори во јуни и последни месеци од мандатот на актуелните институции на ЕУ, но и да се укаже на сите случувања кај нас и на процесот на подготовка на изборите.  

- Наша цел е да пратиме јасна порака дека Северна Македонија останува на европскиот пат, дека работиме и во услови на техничка Влада на исполнување на сите обврски коишто се врзани со тоа и дека ни е потребна натамошна и силна поддршка од европските институции, од Брисел и од државите членки, изјави Маричиќ, додавајќи дека во тој правец ќе биде и посетата на Брисел на претседателот на техничката Влада, Талат Џафери и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кои заедно со него ќе имаат средби со челниците на НАТО и на Европската Унија. 

Во однос на законските измени со кои се продолжи важноста на возачките дозволи во земјава и можната евентуална грчка реакција на тоа, Маричиќ истакна дека Владата се обидувала да најде решение во интерес на граѓаните, а при тоа да не се доведеме во нов спор со Грција. 

- Ние постапувавме внимателно во овој период и навистина не беше лесно да се изменаџира ситуација во која што нема да влеземе во прекршување на Преспанскиот договор од една страна, а од друга страна граѓаните ќе ги добијат своите документи коишто им следуваат и коишто им се важни за нормално секојдневно функционирање. Вчерашното изгласување на Законот само им олесни на граѓаните да не бидат под притисок дека мора во овој период да се менуваат и возачките дозволи за користење во државата, рече Маричиќ. 

Тој посочи дека пред извесен период Владата предложила да се продолжи и важноста на личните карти, но дека ВМРО-ДПМНЕ го блокираше тој закон во Собранието. Според него, целта е граѓаните што побргу да ги имаат сите документи и да можат слободно да ги користат и да патуваат надвор од државата, затоа што кај нас нема никој да им прави проблем.  

- Знам дека не е едноставно ниту за актуелниот министер, ниту претходно, но сите треба да вложиме напори за да профункционира овој систем. Тоа им го должиме на граѓаните. Ние како владејачко мнозинство сме биле спремни секогаш и први реагиравме со предлогот којшто беше усвоен во Собранието, додаде Маричиќ. сп/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан