• сабота, 23 ноември 2024

Маричиќ: По уставните измени патот кон ЕУ е отворен, блокади веќе не очекуваме

Маричиќ: По уставните измени патот кон ЕУ е отворен, блокади веќе не очекуваме

Скопје, 27 мај 2023 (МИА) - Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ смета дека може да се стигне со уставните измени до ноември месец, доколку сите партии и сите пратеници ја сфаќаат својата одговорна улога во овој период.

- Знаеме дека процедурата во собранието трае од прилика три до четири месеци, сосема доволно да се издискутираат и да се усвојат овие уставни амандмани, којшто се само дополнување на досегашниот систем на заштита на заедниците, изјави Маричиќ во изјава за Телма телевизија, додавајќи дека потоа ќе бидеме во друга фаза, фаза во која ќе продолжат преговорите со ЕУ, патот ќе биде отворен и дека блокади веќе не се очекуваат, информираат од неговиот Кабинет.

Маричиќ, се вели во соопштението, го дели мислењето со американскиот сенатор Крис Марфи и се повика на неговата изјава дека правиме една техничка измена којашто само во низата на неколку заедници додаваме уште неколку, укажувајќи дека од тоа никого не може да има штета и дека не смееме во ова фаза сами да го запреме нашиот европски пат, заради оваа измена којшто консензуално беше усвоено во работната група. Маричиќ, исто така, изрази задоволство што предлогот е едногласно изгласан од комисијата и го поздрави првиот ефикасен резултат на работната група, којашто во рок од неколку недели, онака како што било очекувано, во рамките на својот мандат што го предвидува преговарачката рамка за пристапување кон ЕУ, го заврши текстот на иницијативата за уставни измени.

- Текстот е проследен до Министерството за правда и во наредниот период дискусијата допрва треба да се развие. Очекуваме во наредните да речеме неколку денови или неколку недели да се најде на седница на Влада, така да таа иницијатива ќе се разгледа можеби образложението ќе се зајакне со аргументи иако вака мислам дека доста солидно е направено, рече Маричиќ.

На прашањето за останатите барања од политичките партии во рамки на дискусиите, но и јавно, Маричиќ кажа дека секое барање, секоја тема којашто ќе се наметне е легитимна и дека треба да се разговара, нагласувајќи дека „сега е време да се заврши она што ни е непосредно задача од преговарачката рамка“.

- Доколку сакаме да не се одолжи, да не трае повеќе од тоа што ни треба, ова година да го завршиме ова, а ќе има прилика во наредниот период потоа во текот на преговорите со ЕУ, во текот на наредните години повторно да се отвори Уставот, доколку се утврди потреба за тоа, рече Маричиќ.

Вицепремиерот Маричиќ укажа дека не е само прашањето за „20 отсто“ албански јазик, дека некои партии ги отворија прашањата за тоа колку пратеници треба да брои Парламентот, како да се избираат некои јавни позиции, статусот на некои општини, Уставен суд, позицијата на министерот за правда во судскиот совет итн., прашања кои според него се легитимни, но рече дека „сега е време да ја завршиме обврската од преговарачката рамка и да продолжиме со преговорите со ЕУ“. аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан