• среда, 18 декември 2024

Маричиќ: Очекуваме во наредните неколку недели иницијативата за уставни измени да се најде во Собранието

Маричиќ: Очекуваме во наредните неколку недели иницијативата за уставни измени да се најде во Собранието

Скопје, 14 јуни 2023 (МИА) – Очекуваме во наредните неколку недели иницијативата за уставни измени да се најде во Собранието пред пратениците и да почне процедурата и дискусијата таму. Сметаме дека е тоа коректно и важно за секој пратеник да има можност да се изјасни, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Зборувајќи за процесот на уставни измени, Маричиќ вечерва во емисијата Топ тема, рече дека ќе се обидат и понатаму да допрат до опозицијата со разум и да разговараме аргументирано.  

- Сигурен сум дека доколку земеме доволно време и го имаме вистинскиот пристап кон секој пратеник да му се објасни и важноста и одговорноста, и последиците од прифаќањето или не прифаќањето на овој предлог, на оваа иницијатива, мислам дека ќе дојдеме до две третини, изјави Маричиќ.

Прашан што доколку не се дојде до двотретинско мнозинство, Маричиќ изрази убедување дека тоа ќе се постигне, а доколку не се дојде, тоа значи, како што рече, дека сами сме си поставиле блокада и сме сопреле на патот.

- Тие што ќе гласаат против, и тие што ќе решат да си наметнат ново вето, овој пат самите на себе, тие ќе треба да дадат одговор на граѓаните зошто треба да чекаме уште десет години. А, во меѓувреме Албанија, Србија, Црна Гора, Украина и Молдавија да одат напред и да станат членки на ЕУ, изјави Маричиќ.

За тоа дали во случај на неуспешно гласање по иницијативата, ќе значи и избори на есен, Маричиќ рече дека „нема да има гласање, додека не биде успешно“.

-  Тоа е мојот впечаток, дека првото гласање ќе биде успешно, кога и да биде, изјави Маричиќ.

Маричиќ, уште еднаш посочи дека добор е доколку ВМРО-ДПМНЕ се одлучи да учествува и разговараат под кои услови или со заедничка согласност да се пушти иницијативата до Собранието.

- Но, за тоа треба да седнеме да разговараме. Затоа е важно и секојдневно упатуваме повик да седнеме на разговор, на кое ниво сакаат, за да дојдеме до точниот календар како понатаму, изјави Маричиќ. аа/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан