• недела, 24 ноември 2024

Маричиќ: Преку „Отворен Балкан“ практично да го гледаме функционирањето на заедничкиот пазар

Маричиќ: Преку „Отворен Балкан“ практично да го гледаме функционирањето на заедничкиот пазар

Скопје, 20 април 2023 (МИА) - Ја интензивиравме регионалната соработка со иницијативата „Отворен Балкан“, која веќе овозможува практично да го гледаме и искусуваме функционирањето на заедничкиот пазар, заснован на европски правила и процедури, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.

- „Отворен Балкан“ е забрзувач на нашата европска интеграција, одличен вовед за интегрирање на македонската економија во европскиот внатрешен пазар. И да нагласиме одново, „Отворен Балкан“ е во функција на ЕУ, а не замена за ЕУ, истакна Маричиќ во обраќањето на денешниот настан на Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ насловен „Регионална интеграција на пазарот на труд: Предизвици и можности од иницијативата Отворен Балкан и пристапувањето во ЕУ“.

Вицепремиерот посочи дека следат реформи кои ќе мора да бидат структурни и темелни, доколку сакаме брзо да ги надминеме предизвиците со кои се соочува пазарот на трудот и да ги анулираме импликациите кои тоа ги остава врз македонската економија.

- Веќе е во тек реформата во образованието која со давање предност на стручните образовни занимања придонесува за неутрализација на јазовите кои се јавуваат на пазарот на трудот. Но, она на што е потребно повеќе да се работи е доквалификацијата на работната сила, подобри наставни програми и планско продуцирање на дефицитарните занимања, рече Маричиќ.

Тој додаде дека цел и приоритет на Владата се покачувањето на платите, што според него, ќе игра голема улога во задржувањето на кадрите дома, особено од летово кога граѓаните од земјите на „Отворен Балкан“ добиваат слободен пристап до пазарот на труд во Северна Македонија, Србија и Албанија.

- На овој начин расте конкуренцијата, компаниите се борат за подобри работници, работниците за подобри работни места и на тој начин се подобруваат условите за работа и растат платите. На природен начин, без големи интервенции од државата, односно по пат на создавање услови за слободен пазар на труд, нагласи Маричиќ.

Извршната директорка на Фајненс тинк, Благица Петрески, укажа на три аспекти коишто се потребни за проценување на ефектите од иницијативата „Отворен Балкан“ на пазарот на труд, а тоа се, според неа, структурата на пазарот на труд, премиите за плата, како и подготвеноста за структурни промени.

- Нашата анализа точно идентификува какви се суфицитарните и дефицитарните јазови на пазарот на труд. Резултатите покажуваат дека имаме исклучително поларизирана состојба во поглед на суфицитарните и дефицитарните јазови, каде што од една страна има драстична понуда на невработени во однос на отворените работни места во споредба со дефицитарните јазови, а додека пак кај високите вештини доминираат суфицитарните јазови, каде што го постигнуваме максимумот. Па така, за едно работно место имаме дури 75 невработени лица. На друга страна ни се дефицитарните јазови каде што имаме недостиг од работници за скоро сите општи работници во повеќе занимања, меѓутоа и во делот на услужните сектори, изјави Петрески.

Од аспект на иницијативата на „Отворен Балкан“, како главни предности таа укажа на надополнувањето на недостигот на работници каде што има кусоци, со работници од соседните земји и региони, но предупреди и за ризиците во делот на дефицитарните занимања, каде што мобилноста е поголема.

- Севкупно како заклучок, клучните бенефити и од иницијативата Отворен Балкан и од вкупните пристапни преговори со Европската Унија, се ние да направиме структурни промени и системски решенија коишто ќе ги затворат овие јазови кои во моментот постојат на пазарот на труд, истакна директорката на Институтот, додавајќи дека тие решенија се прилагодување на образовните политики, како и оневозможување на манипулација на системот.

Заменик министерот за финансии и економија на Албанија, Ендрит Узеирај, рече дека регинот има многу слични предизвици и многу слични потенцијали.

- Во Албанија може да се видат слични проблеми што беа спомнати. Сме виделе како најпродуктивните и најталентираните работници заминуваат претежно во западните европски земји каде што платите се повисоки. Затоа постои многу голема потреба во Албанија, верувам дека и во регионот, да се зголеми продуктивноста, да се подобрат типовите на бизниси кои ги привлекуваме во регионот за да бидеме поконкурентни и позабавни за луѓето, истакна Узеирај.

Михајло Гаиќ од српскиот Институт „Либек“ изјави дека Србија како најголема држава во регионот ја има најниската стапка на невработеност во последните години, но истакна дека и во оваа земја постојат јазови слични како во Северна Македонија, информирајќи дека неговата држава сега има голема потреба од ИТ специјалисти, но и лица коишто се специјализирани во секторот на туризмот, па дури и во градежништвото.

- Но, во исто време имаме и голем број странци коишто доаѓаат да работат во Србија, претежно од земјите како што се Куба, Таџикистан, Бангладеш и Индија во последните години. Ние треба да дискутираме за овие прашања за да го добиеме најголемиот можен повраток на интеграцијата на капацитетите земјите што се во процесот, истакна Гаиќ.

Како дел од програмата, Деспина Туманоска од „Фајненс тинк“ го презентираше истражувањето во однос реформите и состојбата околу овие прашања по кое што следуваше и панел дискусијата со наслов „Предизвици и можности од иницијативата Отворен Балкан и пристапувањето во ЕУ“. сх/сп/

Фото: МИА

Остани поврзан