• четврток, 26 декември 2024

Маричиќ од УЈИЕ во Тетово: Наша цел е да ги задржиме младите и образовани кадри дома

Маричиќ од УЈИЕ во Тетово: Наша цел е да ги задржиме младите и образовани кадри дома

Тетово, 6 октомври 2023 (МИА) - Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ и министерот за информатичко општество Азир Алиу го посетија Универзитет на Југоисточна Европа во Тетово. Во рамки на кампањата „Ние сме Европа“  се сретнаа со проректорката Беса Арифи и студентите на Универзитетот. Се осврнаа на значењето на Еразмус Плус програмата, проектите за мобилност и нивното значење за академски напредок. 

-Програмата Еразмус Плус им овозможува на студентите да се образовуваат, стекнуваат знаење и искуство, исто како и студентите од другите земји членки на ЕУ. Еразмус Плус се издигна како една од најпрепознатите програми на Европската Унија за образование, обука, млади и спорт. Можноста за размена на идеи и добри практики во европски и меѓународни рамки претставува инспирација за бројни генерации на ученици, студенти, образовен кадар како и организации и институции кои се во позиција да ги искористат придобивките што ни се на располагање, истакна Маричиќ.

Програмата Еразмус Плус значително ги зголемува компетенциите на младите и им создава многу нови можност за нив во формалното и неформалното образование. Мобилноста, знаењето и вештините што им стануваат достапни на младите преку програмите и фондовите на ЕУ им отвораат светла перспектива.

-Нашата цел е да ги задржиме нашите образовани кадри и млади луѓе дома, во Северна Македонија, со стекнатото знаење од европските образовни институции. Затоа ги охрабруваме младите да бараат стручна надградба и образование, кои подоцна ќе ги применат и со тоа значително ќе придонесат за средината од која потекнуваат и во која живеат, порача вицепремиерот.

Тој ги поттикна студентите и младите луѓе да бараат начин како да ги реализираат своите амбиции и да ги остварат своите цели за прогресивна иднина на Северна Македонија во ЕУ. Оваа посета беше дел од кампањата „Ние сме Европа“ која во Тетово заврши со трибина со повеќе говорници. ас/мч/

фото: СЕП 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан